Замбија се обидува судски да го спречи погребот на својот поранешен претседател Едгар Лунгу во Јужна Африка


 Владата на Замбија денеска поднесе жалба до судот за да го запре приватниот погреб на поранешниот претседател Едгар Лунгу во Јужна Африка.

Владата сака Лунгу да има државен погреб дома, што семејството на Лунгу го одбива поради неговиот конфликт со сегашниот претседател на Замбија, Хакаине Хичилема.

Главниот обвинител на Замбија поднесе приговор до јужноафриканскиот суд барајќи веднаш да се запре денешниот погреб во црква во Јоханесбург. Судските документи бараат поранешниот претседател да биде погребан во Замбија со сите воени почести, како што бара замбискиот закон и јавниот интерес.

Членовите на семејството Лунгу дојдоа во судот во Преторија на сослушување за да одлучат дали може да биде погребан таму. Не беше јасно кога судијата ќе донесе одлука. Лунгу, кој беше претседател на Замбија од 2015 до 2021 година, почина во болница во Јужна Африка на 5 јуни на 68-годишна возраст.

Државниот погреб во Замбија досега е двапати откажуван поради несогласувања околу деталите за погребот. Неговото семејство и адвокати изјавија дека тој побарал Хичилема да не присуствува на неговиот погреб, додека замбиската Влада изјави дека Хичилема треба да го води државниот погреб.

Лунгу и Хичилема имаат долга историја на политичко непријателство. Лунгу го победи Хичилема на претседателските избори во 2016 година, а во 2017 година неговата влада го затвори Хичилема на четири месеци под обвинение за предавство затоа што неговата колона не ѝ отстапи место на претседателската колона на патот.

Потегот за затворање на Хичилема беше остро критикуван од меѓународната заедница, па Хичилема беше ослободен, а обвиненијата беа отфрлени.

Хичилема го победи Лунгу на изборите во 2021 година. Минатата година, Лунгу ја обвини владата на Хичилема дека ја користи полицијата за да ги ограничи неговите движења и да го стави во домашен притвор. Владата ги негираше обвинувањата.