Законот донесен во 1798 година може да се користи за забрзување на депортациите од САД, пресуди федерална судијка


Федералната судијка во американската држава Пенсилванија, Стефани Хејнс пресуди дека САД можат да го користат Законот за странски непријатели, донесен во 1798 година, за да ја забрзаат депортацијата на наводните членови на венецуелските банди, но мора да ги известат најмалку 21 ден однапред и да им дадат можност да ја оспорат депортацијата.

Судијка Хејнс наведе дека претседателот Доналд Трамп има право да ја прогласи венецуелската банда „Трен де Арагва“ за терористичка организација и да ги депортира нејзините членови според законот од 1798 година.

Хејнс, именувана за време на првиот мандат на Трамп, е првиот судија што ја поддржува интерпретацијата на администрацијата на Трамп на Законот за странски непријатели. Трамп во март се повика на тој закон како правна основа за депортирање стотици мажи што неговата администрација ги обвини дека се членови на бандата „Трен де Арагва“.

Хејнс потенцира дека Владата мора да обезбеди известување на шпански и англиски јазик и да обезбеди преведувачи кога е потребно.

Други судии од Њујорк, Колорадо и Тексас се изјаснија против употребата на Законот за странски непријатели за депортирање на Венецуелци. Администрацијата на Трамп ги депортира наводните членови на банди во затвор во Ел Салвадор, во согласност со билатералниот договор.