Законот за јазици чека (предизборна) пресуда и од Уставен суд


Договорен по последните парламентарни изборите во 2016 година, Законот за употреба на јазиците повторно крева прашина и во владејачката коалиција и во политичко-правните кругови во земјава пред новите предвремени парламентарни избори, во април следната година.
На почетокот на следниот месец, според најави од Уставниот суд, Законот кој беше дел од преткоалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ ќе се најде на маса и во оваа институција. Во декември, пак, се очекува конечна оценка на Венецијанската комисија во однос на регулативата која предизвикуваше многу нервоза на домашната политичка арена во последните две години, а која, поради „апсолутното вето“ од експретседателот Ѓорге Иванов, стапи во сила една година откако беше донесена, и тоа само со потпис од претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Следниот месец се очекува Уставниот суд да одржи подготвителна седница по однос на дури петнаесетина иницијативи за оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците што биле поднесени во изминатиот период. Сите тие иницијативи се собрани во еден предмет, за кој како известител е определена една од двете судијки во Уставен суд. Во случај судот да поведе иницијатива за оценка на уставноста на законот, теоретски можно е да го „замрзне“ спроведувањето на дел од неговите одредби до конечноста на оценката. Меѓу подносителите на иницијативите за оценка на уставноста на оваа регулатива се ВМРО-ДПМНЕ, професорот Јове Кекеновски, Левица…
За последниот месец од функционирањето на оваа политичка влада на СДСМ и ДУИ – пред формирањето на техничката предизборна влада, пак е најавена сесијата на Венецијанската комисија при Советот на Европа на која треба да биде презентиран конечниот извештај во однос на Законот за употреба на јазиците. Тој беше испратен на експертиза по неговото донесување, а не за време на неговото подготвување во Министерството за правда, кога министер беше Билен Салиу од ДУИ.
Актуелната министерка за правда Рената Тренеска-Дескоска во изјава за „Независен весник“ вели дека забелешките со кои ќе излезе Венецијанската комисија во финалниот извештај ќе треба да се почитуваат и спроведат затоа што не залудно Владата побара мислење од ова тело на Советот на Европа.
– Кога побаравме мислење од Венецијанската комисија, побаравме за да го спроведеме. Забелешките со кои ќе излезе Комисијата треба да се имплементираат – вели Дескоска.
Во врска со можните политички импликации, доколку има потреба од поголеми интервенции во постојното законско решение, Дескоска вели дека ако се стремиме кон постигнување повисоки стандарди во правото и кон спроведување на европските критериуми, не треба, од политички причини да се игнорираат укажувањата на меѓународни експерти.
На почетокот на оваа година Владата ја испрати целосната содржина од Законот за употреба на јазиците за мислење до Венецијанската комисија. Во писмото што како прилог беше проследено до претседателот на Венецијанската комисија Џани Букичио, пишува дека овој закон произлегува од Охридскиот договор, кој е имплементиран во Уставот на земјава и дека една од целите на Законот е да се создаде хармонична правна рамка во која законските одредби нема да ја загрозат уставноста на Македонија, ниту европските стандарди, а што воедно ќе претставува добра почетна основа за процесот на негова имплементација.
Во изминатиот период, неколку закони што произлегуваат од европските директиви беа на оценка во Венецијанската комисија, ама во текот на нивната подготовка и пред финалната фаза од собраниската процедура за нивно донесување. Таков беше случајот со законите за судови и за спречување на дискриминација, за кои имаше повеќе забелешки од експертите на Советот на Европа, што беа имплементирани во конечните верзии на законските решенија пред нивното донесување во парламентот.
Пред неодамнешниот самит на ЕУ Владата побара од Венецијанската комисија да го одложи конечниот заклучок за Законот за јазици. Тоа се случи во момент кога во јавноста протече дел од нацрт-извештајот во кој беа посочени повеќе крупни забелешки во однос на законското решение, меѓу кои најалармантна беше таа дека вака поставената регулатива „значително ќе го забави функционирањето на целиот судски систем, со што ќе се доведе до сериозно нарушување на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права“. Но, за разлика од премиерот Зоран Заев и други функционери на СДСМ во Владата, кои покажаа подготвеност да ги почитуваат забелешките на Венецијанската комисија, високи претставници на ДУИ порачуваа дека овој закон може да се смени само со политички договор.
Во меѓувреме парламентот го донесе законот со кој се предвидува формирање Инспекторат за примената на Законот за употреба на јазиците. Наскоро Владата треба да го назначи првиот директор на новоформираниот Инспекторат, кој ќе ја контролира примената на Законот за јазици во институциите, како и на амандманот 5 од Уставот со кој, согласно со Рамковниот договор, е уредена употребата на јазиците на заедниците кои се застапени со над 20 отсто на локално или на национално ниво. Александра М. Митевска