Закани на руската телевизија дека Британија ќе биде избришана од мапата на земјата

Пропагандистите на Кремљ велат дека со напад на подводен нуклеарен дрон „Посејдон“ врз британските острови ќе се крене радиоактивен бран висок 500 метри. Или дека Берлин, Лондон и Париз во рок од 200 секунди би биле погодени од нукллеарни проектили по кои нема да има преживеани


Дмитри Кисељов, познат како „гласникот на Путин“, на два пати ѝ се закани на Британија дека ќе биде уништена во телевизиската емисија во неделата навечер

 

Руските државни медиуми го повикаа Владимир Путин да ја избрише Велика Британија од мапата користејќи го неговото најмоќно нуклеарно оружје, додека пропагандната машина на претседателот продолжува да се заканува со масовна смрт поради поддршката за војната во Украина.

Дмитриј Кисељов, човек често познат како „гласникот на Путин“, ја искористи својата емисија во неделата навечер за да повика на напади врз Велика Британија со подводен нуклеарен дрон „Посејдон“ за кој рече дека ќе предизвика радиоактивен бран од 500 метри и ќе ја „потоне Британија во длабочините на океанот.

Дронот „има капацитет за боева глава до 100 мегатони“, тврди Кисељов – неколку илјади пати поголема од јачината на бомбата фрлена на Хирошима – што „ќе подигне огромен бран, цунами, висок до 500 метри “ – доволно за стигнат до половина пат до Скфел Пајк, највисоката точка во Англија со 978 метри.

Говорејќи на позадината на графиката на која се гледа како ОК се брише од светската мапа, Кисељов додаде: „Овој плимски бран е исто така носител на екстремно високи дози на зрачење. Навлегувајќи над Британија, ќе го претвори сето она што ќе остане од нив во радиоактивна пустина, неупотреблива за ништо. Како ви се допаѓа оваа перспектива?’

Кисељов, исто така, ѝ се закани на Велика Британија со напад од „Сармат 2“, најновата руска нуклеарна ракета која беше тестирана од Путин пред две недели, за која тој тврдеше дека може целосно да ја уништи земјата со само еден удар.

„[Нивниот] остров е толку мал што една ракета ‘Сармат’е доволна за да го потопи еднаш засекогаш“, рече тој. „[Тој] е способен да уништи област со големина на Тексас или Англија. Едно лансирање, Борис, и веќе нема Англија“.

Забелешките на Кисељов го следат моделот што се разви во руските државни медиуми во последните денови на закани кон Британија со нуклеарен холокауст, врз основа на лажните премиси дека Борис Џонсон се заканувал дека ќе изврши нуклеарен напад врз Русија без консултација со НАТО.

Наместо тоа, се верува дека заканите се резултат на цврстата поддршка на Велика Британија за Украина, поради која таа се движи подалеку и побрзо од другите европски нации во испораката на оружје до Киев за да помогне во борбата против Русија.

Додека Русија ги засили своите нуклеарни закани во последниве денови, бидејќи нејзината армија не може да оствари победа во Украина, Велика Британија ги отфрли заканите како „бравадо“, додека САД велат дека не виделе промена во позицијата или подготвеност на нуклеарните сили на Москва.

Тоа доаѓа откако високи офицери од МИ5 го информираа Министерството за внатрешни работи дека се зголемила заканата од руски диверзанти кои влегуваат во Британија за да извршат напади врз клучната британска инфраструктура и да таргетираат политичари од висок профил.

„Постои сериозна загриженост дека офицери или агенти поврзани со руските безбедносни служби може да се обидат да влезат во ОК и да таргетираат стратешки локации“, рече еден безбедносен извор минатата недела.

Во меѓувреме, руската државна телевизија претходно оваа недела емитуваше сегмент во кој се симулира како Путин може да изврши тристран нуклеарен напад врз Лондон, Париз и Берлин, и при тоа „да не остави преживеани“.

Домаќините на програмата „60 минути“ на Канал 1 рекоа дека трите главни градови би можеле да бидат погодени во рок од 200 секунди по лансирањето нуклеарни проектили, како што изјави претседателот на националистичката партија Родина, Алексеј Журавлјов: „Еден проектил ‘Сармат’ и Британските острови повеќе нема да ги има“.’

Западните лидери, исто така, беа предупредени дека озлогласените „фарми за тролови“ сè повеќе го преплавуваат интернетот со про-Кремљ пораки како дел од информативната војна за која Русија се проценува дека ја изгубила досега, откако поддршката од Запад застана цврсто зад Украина.

Новото истражување финансирано од британската влада откри дека Москва сега спроведува голема сајбер операција за ширење поддршка за војната.

На телевизијата беше пуштена и графика за потопувањето на Велика Британија

Утврдено е дека онлајн оперативците им наредуваат на следбениците да ги таргетираат западните медиуми и политичари, вклучително и премиерот Борис Џонсон, германскиот канцелар Олаф Шолц и шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, со објавување провоени коментари на нивните профили на социјалните мрежи.

Профилите на социјалните мрежи на бендови и музичари, вклучувајќи ги „Дафт панк“, Дејвид Гета, Тиесто и „Рамштајн“, исто така, се чини дека биле цел на операцијата за дезинформација, која ја водат озлогласените руски „трол-фарми“.

Британскиот секретар за одбрана Бен Валас изјави дека рускиот претседател можеби ќе ја искористи руската парада на Денот на победата на 9 мај за да објави масовна мобилизација на своите резерви за последен притисок во Украина.

Првично се мислеше дека Путин ќе се обиде да ја искористи парадата за да прогласи „победа“ во Украина – или со заземање на Киев или, кога тие напори не успеаја во март, со заземање на Донбас.

Но, руските трупи остануваат цврсто заглавени на истокот на Украина, остварувајќи само маргинални придобивки додека претрпуваат загуби, а руските државни медиуми сега признаваат дека нема победа до 9 мај.

Руски воен извор изјави за „Телеграф“: „Војската е огорчена од блицкригот на Киев. Луѓето во армијата бараат наплата за неуспесите од минатото и сакаат да одат понатаму во Украина“.

Претходно оваа недела, беше кажано дека руската војска била бесна поради тоа што Путин ја намалил инвазијата на Украина и повикала на нова ескалација на конфликтот. (Дејли мејл)