Заев, Вучиќ и Рама: „Отворен Балкан“ не е конспирација, туку европеизација
Со обраќањето на еврокомесарот Оливер Вархеи ЕУ отворено застана зад иницијативата „Отворен Балкан“. Потпишани важни договори за земјоделството

По САД и некои земји членки на ЕУ, денес и Европската комисија застана директно зад иницијативата „Отворен Балкан“ на лидерите на Македонија, Албанија и Србија, одземајќи го последниот аргумент на земјите од регионот што го гледаат како штетна иницијатива, а не како повисоко ниво на регионална соработка.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи во видео обраќањето до учесниците на собирот во Тирана изјави дека ја поддржува иницијативата „Отворен Балкан“ и ги повика нејзините членови да ја остават отворена, а останатите партнери од Западен Балкан да ѝ се придружат.
На прес-конференцијата по лидерската средба, премиерите Зоран Заев и Еди Рама и претседателот Александар Вучиќ им одговорија на тие што протестираа за средбата дека тоа што го договараат не е конспирација, туку начин земјите од Западниот Балкан да ја изберат сами брзината со која ќе се приближуваат кон ЕУ, преземајќи ја во свои раце иницијативата.
Заев отиде подалеку и отворањето на границите на трите земји за работниците, за стоката и за услугите го нарече европска идеја, а другите двајца лидери – „колеги и браќа“. Според него, како лидери не можеле да дозволат евроскептицизмот да надвладее во регионот, додавајќи дека „Отворен Балкан“ е засилувач на европската идеја тука.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, посочи дека потпишаниот договор за соработка во ветеринарното, фитосанитарното и безбедноста на храната и добиточната храна отвора големи можности за трговија и оти наскоро би можело да се достигне ниво од една милијарда евра. Сепак, тој посочи дека не се работи само за слободен проток на храна, или сурови производи, размена на храна, туку и соработка во областа на вештачката интелигенција, роботиката, ИТ индустријата, што може да го поддржи развојот на земјоделството во иднина.
Вучиќ кажа дека Србија со Албанија има трговска размена во земјоделството вредна 70 милиони евра, а со Македонија 260 милиони евра, посочувајќи дека тоа се мали вредности, но дека е убеден оти наскоро може да се достигне нивото од една милијарда евра.

Според него, со потпишувањето на договорот ќе се овозможи забрзување на процесот на размена на земјоделски производи и намалување на загубите поради долгото чекање на границата. Според него, потенцијалот за раст е бесконечен и, кога се слушаат податоците дека размената во земјоделството може да надмине вредност од една милијарда евра, покажува колку оваа соработка може да биде важна за БДП на земјите учеснички. Посочи дека има многу институти, институции, организации кои треба да се поврзат и ја поддржа идејата на премиерот на Албанија, Еди Рама, да ги покани тие институции на следниот состанок.
Зборовите на Вучиќ за поголема економска соработка беа суштината и на обраќањето на Вархеи. Тој рече дека само преку заедничкиот регионален пазар регионот на Западен Балкан може да го зголеми растот на БДП за една третина. Втората третина од растот на БДП, рече тој, може да се постигне преку економски инвестициски план подготвен од ЕУ, но тој се заснова и на постоење на заеднички регионален пазар и регионална интеграција.
„ Нема смисла да се поврзе регионот со железници и автопати, ако секој камион и секој воз мора да застанат на секоја граница… Нема смисла да се создаде клима за инвестирање ако нема меѓусебно признавање на дипломите и нема слободен проток на услуги , стоки и капитал“, додаде тој.
Албанскиот премиер Еди Рама, најавувајќи го неговото обраќање, случајно скрши чаша, што Вучиќ го протолкува како „добар знак“.На бизнис форумот за земјоделството, Рама рече дека потпишувањето на четири „многу важни“ договори во земјоделството „фактички се отстранети бариерите што им го отежнуваа животот на луѓето“ во секторот кога станува збор за преминување на границите.
„Сигурен сум дека значителен број луѓе и компании кои извезуваат стоки од Албанија во Србија и Северна Македонија или увезуваат стоки од тие земји денеска ќе бидат среќни, бидејќи сега е отворен пат. Тоа од сега е активност без граници. Тоа е големо достигнување“, изјави Рама.
Вучиќ рече дека договорот на учесниците на иницијативата да ги поканат Сараево, Подгорица и Приштина да се приклучат на секој состанок, но верува дека за нивното придружување најмногу ќе биде сторено така што сегашните членки ќе работат конкретни работи за нивните граѓани. „Ова е иницијатива која ќе го промени ликот на Балканот, од чие име не се срамиме“, изјави Вучиќ по состанокот во Тирана. Тој притоа најави дека следниот состанок на иницијативата ќе биде во мај или јуни во Белград. Вучиќ му се заблагодари на Заев, кој утре и официјално ќе поднесе оставка од премиерската оставка, за досегашната работа и залагање во таа иницијатива.
„Кога пристигнав во Албанија, видов како го напаѓаат Рама дека ова е иницијатива за голема Србија, а мене ме напаѓаат дека ова е иницијатива за голема Албанија“, рече Вучиќ.„Не се работи за голема Србија или за голема Албанија, и не знам каква Северна Македонија“, нагласи Вучиќ, нагласувајќи дека во рамките на таа иницијатива „се работи да не се изгубиме во дискусиите меѓу минатото и сегашноста. А да ни исчезне иднината“.
Премиерот Заев оцени дека со постигнатите договори им овозможуваат на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија пристап до електронските услуги на националните портали на трите земји преку креирање електронска идентификација „Отворен Балкан” со што започнува остварувањето на можноста за олеснет и непречен пристап до пазарот на труд во трите земји.
„Веднаш штом договорите бидат ратификувани во парламентите на Северна Македонија, Албанија и Србија, граѓаните од трите земји ќе се стекнат со можност слободно да се движат и да работат во секоја од нив. На овој начин ги поврзуваме нашите човечки ресурси, го окрупнуваме нашиот пазар, ги поврзуваме економиите, стануваме поконкурентни, посилни и уште повеќе подготвени за натамошен развој. Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи час поскоро да осетат директни, економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Придобивките многу скоро ќе ги почувствуваат илјадници семејства во регионот“, нагласи Заев.
Заев потенцираше дека „Отворен Балкан“ се издига на европските идеи и вредности кои се секогаш поголеми и попривлечни од европската администрација и во тоа име оваа иницијатива e силен придонес кон големите идеи и вредности на Европската Унија, придонес кој регионот не го носи на ниту едно друго место, туку единствено поблиску до самата Унија.
„Кога ЕУ потфрла, ние имаме обврска постојано и постојано да преземаме иницијативи кои го европеизираат регионот и кои носат подобар, европски живот за нашите народи. Се разбира, сите три земји остануваат посветени на своите одделни агенди и обврски за пристапување во членство во Европската Унија“, рече Заев на прес-конференцијата.
Поконкретно, денеска во Тирана лидерите ги потпишаа Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, Договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан и Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика.
Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан ќе им овозможи на граѓаните од овие три земји слободно да се движат и да работат во земјите потписнички на договорот. Со одредбите од договорот се поедноставуваат процедурите за еднаков пристап до пазарот на трудот во регионот по примерот на ЕУ.
Со Договорот за за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан им се овозможува на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија пристап до електронските услуги на националните портали на овие земји преку креирање на електронска идентификација „Отворен Балкан“, остварување на можноста за пристап до пазарот на труд во трите земји, како и за други услуги од сферата на бизнисот и други области од заеднички интерес за граѓаните од регионот.
Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедност на храна и фитосанитарната политика ги уредува формално-правните аспекти на ова прашање, и ќе ја олесни трговијата со живи животни, храна и добиточна храна од животинско, неживотинско и мешано потекло, растенија, растителни производи и други објекти и предмети.
За исполнување на одредбите и за ефикасност во остварување на придобивките од овие договори, се потпишани и билатералните договори меѓу Владата на Северна Македонија и Советот на министри на Албанија, и меѓу владите на Албанија и а Србија за взаемно признавање на одобренија за Овластен економски оператор за безбедност и сигурност.
Со овие договори се воспоставува соработката, заснована врз заеднички стандарди и взаемно признавање на резултатите од спроведените контроли, и ќе претставува средство за олеснување на легалната трговија и ефикасно спречување на недозволената трговија и царинските неправилности во државите потписнички на Спогодбата, но и пошироко.
-Овие договори носат повеќе придобивки како што се полесен пристап и поедноставни царински постапки, намален број на физички и документациски контроли од царинските органи, избор на местото за контрола како и други директни и индиректни поволности. Сето ова треба да придонесе за остварување на целите на регионалната соработка како што се намалување на времето на спроведување на царинските постапки за стоките, намалување на трошоците за увоз и извоз, зголемување на конкурентноста и поголема интеграција на македонските компании на националниот, регионалните и европските пазари. (Н.В.)