Заев со амбасадорите на земјава во држави на ЕУ: Остануваме посветени кон ЕУ и на градење пријателства


Остануваме 100-процентно посветени кон ЕУ и на градењето пријателства, низ политиките на дијалог, добрососедство и разбирање, како и на домашните реформски процеси, во насока на заслужените придвижувања на Северна Македонија на полето на евроинтеграциите, по успешното членство во НАТО, а при тоа зачувувајќи го дигнитетот на македонскиот јазик и македонскиот народ.

Тоа го истакна премиерот Зоран Заев  при учеството на денешниот тематски работен состанок, организиран од Министерството за надворешни работи, со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија, акредитирани во земји – членки на Европската Унија и во постојаните мисии во ЕУ и во НАТО.

На состанокот е направен осврт на годишнината од зачленувањето на Северна Македонија во НАТО и е разговарано за европските перспективи, во пресрет на Советот на ЕУ во јуни 2021 година. Во рамки на чекорите во овие процеси, дискутирано е за можностите за остварувањето на клучните стратешки надворешно-политички приоритети на Република Северна Македонија, по зачленувањето во НАТО, а во контекст на ероинтеграцискиот процес.

Владината прес-служба соопшти дека на средбата е нагласено значењето на успешно спроведување на пописот, како граѓанска одговорност на сите, утврдена со закон, со цел придонес во создавањето можности за креирањето ефикасни јавни политики за развој на државата.

-Владата е политички стабилна. Очекувам рационалност од опозицијата и ефикасна работа на Парламентот во следниот период, со цел натамошен развој на државата на политички и економски план, рече премиерот Заев.

Тој се осврна и на економската ситуација во нашата држава, за предностите за инвестирање во земјава, за мерките што ги креира Владата со цел привлекување инвестиции и изрази очекување, амбасадорите, со својата дејност во државите членки на ЕУ, да помагаат на Северна Македонија како на политички, така и на економски план.

Премиерот Заев зборуваше и за здравствената ситуација во државата и соопшти дека Владата ги презема сите потребни и можни чекори во заштитата на јавното здравје и во справувањето со последиците од пандемијата.

-Амбасадорите се заблагодарија за темелниот брифинг од премиерот Заев за состојбите во државата и за владините позиции по клучни прашања и споделија свои размислувања и искуства за актуелни теми од значење за граѓаните и за земјата, стои во соопштението од Владата.

Домаќин на работниот состанок со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во држави во ЕУ е министерот за надворешни работи, Бујар Османи.