Заев прво ќе „смете“ во својот двор


Анализата на кадровските политики на власта и смените што ги најави премиерот Зоран Заев меѓу двата изборни круга ќе почнат од „Бихаќска“, најавуваат извори од СДСМ. Во најбрз можен рок се очекува да биде закажан конгрес на владејачката партија, како што е предвидено и со партискиот статут, според кој делегатите се состануваат по секој изборен циклус заради анализа на изборните резултати и изјаснување за доверба на органите на СДСМ. Според партиски извори, се очекуваат потемелни промени, со оглед на тоа што веќе е лоцирано каде се слабите точки во практикувањето на власта, но и во партиските активности, за што потврда се и изборните резултати во секоја општина поединечно.

По победата на Стево Пендаровски во вториот изборен круг, Заев најави промени во сите ешалони на извршната власт, но посочи дека ќе има кадровски поместувања на функции за кои тој е надлежен како претседател на партијата. Во СДСМ, како што објавивме пред почетокот на кампањата, уште пред неколку месеци се разговарало за реконструкција на извршната власт по изборите. Но најновите најави се дека претстојните промени, сепак, ќе бидат потемелни од првично планираните, особено за функции каде што може да има разрешувања од страна на премиерот, владата, Собранието или од органите на СДСМ. За други функционери, што се избрани на непосредни избори (како пратеници, градоначалници или советници) не е исклучено да им бидат побарани оставки, да им се направи притисок (на пример, на градоначалниците преку општинските совети) или барем да бидат разрешени од функциите во партијата.

Неофицијално, не се исклучува можност и за смена на генералниот секретар на партијата Александар Кирацовски, кој се посочува како еден од најодговорните за кадровските политики во пониските ешалони. Веќе се споменуваат и можни имиња за негов наследник, како министерот за земјоделство Љупчо Николовски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски, кој е претседател на скопската организација на СДСМ. Најавата за кадровски промени ги раздвижи лоби групите во СДСМ, така што прават различни проценки за тоа кој од министрите би можел да се најде на тапет, независно од тоа дали евентуалната критика за нечија ангажман на крајот ќе резултира и со смена. Така, на министерката за правда Рената Тренеска Дескоска ѝ се забележува за мошне слаба вклученост во кампањата за Пендаровски, и покрај тоа што во нејзиниот фокус беа реформите, посебно во делот на правосудството, за добивање на кандидатскиот статус во ЕУ. Забелешки дека стоел настрана има и за министерот за финансии Драган Тевдовски, со оглед на кампањата што се водеше пред стартот на предизборието за префрлање на фокусот на Владата на економијата. Симптоматично во кампањата беше и отсуството на министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој се појави на трибини дури во последните два дена пред молкот пред вториот круг. Сепак, се посочува дека Димитров не е дел од СДСМ, а во партијата високо се вреднуваат неговите активности за постигнување на Преспанскиот договор, како и за засилување на меѓународната позиција на државата. Во случај Димитров да побара повлекување од функцијата откако следниот месец ќе биде соопштена одлуката за почетокот на преговорите со ЕУ, се шпекулира дека сегашната министерка за одбрана Радмила Шекеринска би можела да биде нов шефица на дипломатијата. За министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски се шпекулира дека сакал да се повлече од функцијата за да ротира на друга позиција во регулаторно тело.

Во ДУИ, пак, сè уште се воздржани околу претстојната реконструкција на Владата. Засега се чини извесно само заминувањето на вицепремиерот Хазби Лика од челното место во Секретаријатот за Рамковен договор, кој од 1 јуни се укинува, а неговите надлежности ќе ги преземе новото Министерство за политички систем. ДУИ ќе треба да даде свој предлог за министер во овој ресор, а засега нема потврда дека тоа би можел да биде актуелниот министер за животна средина Садула Дураки, како што се шпекулира деновиве. Неофицијално, Дураки се спомнува како еден од најнеисполнителните министри во владиниот кабинет, ама проценките се дека тој ќе ја задржи досегашната функција поради тоа што бил мошне влијателен во ДУИ.

Проценките во СДСМ се дека најавата за кадровска чистка го мотивирала гласачкото тело и придонела за поголемиот одѕив во вториот круг, а со тоа и за поправање на вкупниот резултат на владејачките партии. Од тој аспект, се очекува премиерот во најкус можен рок да го спроведе ветувањето за промени – пред почетокот на летните одмори, со оглед на тоа што за околу еден месец се заокружуваат две години од преземањето на власта, а веќе кон крајот на следната 2020 година треба да се одржат редовни парламентарни избори.

Ќе се побара оставка од двајца градоначалници во Скопје?

Според неофицијални информации, се разгледувала можност да им бидат побарани оставки на двајца градоначалници на скопски општини, каде што е евидентиран најиндикативен пад во однос на последните локални избори, и кои беа често на тапет на јавноста поради лоши потези, посебно во делот на урбанизмот. Проценките, наводно, се дека е подобро да се организираат дополнителни избори во тие општини, макар и да победи ВМРО-ДПМНЕ, отколку да продолжи да се нарушува имиџот на СДСМ со непродуктивно и неажурно работење на дел од локалните власти. Наши соговорници најавуваат посебна анализа за потфрлањата во главниот град на овие избори, наспроти убедливата победа што беше остварена во сите скопски општини и во градот во целина на локалните избори пред една и пол година. Посебно се посочуваат општините Кисела Вода и Гази Баба, каде што е забележан најголем пораз, но и Аеродром и Ѓорче Петров, во кои ВМРО-ДПМНЕ исто така обезбеди подобар резултат од СДСМ. На скопскиот градоначалник Петре Шилегов, пак, меѓу другото му се забележува дека истовремено е и потпретседател на партијата, така што проценките се дека не придонел доволно за подобар резултат во главниот град.

Од друга страна, се посочува и на одреден „кадровски дисбаланс“ во изминатиот период по преземањето на власта, така што на најистурени позиции предност им беше дадена на кадри од внатрешноста, за на крајот да се нотираат послаби резултати од опозицијата во многу општини – и во Скопје и во внатрешноста. Такви анализи, впрочем, се прават и за другите градови каде што е воочена поголема загуба на гласови. За Прилеп, од каде што, на пример, почна кампањата на Пендаровски се посочува дека е алармантна загубата на гласови во периодот од две недели – од околу сто гласови предност на ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг до близу 1.500 во вториот круг. Особено ако се има предвид дека оваа општина е мошне солидно кадровски застапена во централната власт, така што има еден министер, двајца пратеници и уште неколку раководители на истурени позиции.

Александра М. Митевска