Заев на средба со Шарл Мишел за ЕУ перспективата на Северна Македонија


Премиерот Зоран Заев изутринава ќе има средба со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, во последен обид во седиштето на ЕУ да ги презентира македонските аргументи за формален почеток на преговорите за членство, јави дописничката на МИА од Брисел.
 
Ова е втора посета на македонскиот премиер на Брисел во рок од една недела. Минатата тој се сретна со претседателката на Европската Комисија и со шефот на дипломатијата на ЕУ.
 
Денеска тој се сретнува и со шефот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, кој претседава со највисокото тело на ЕУ – лидерските средби или самити на ЕУ.
 
Иако Европскиот Совет не носи одлуки, тоа е клучното тело каде се цртаат и одредуваат политиките на Европската Унија. Мишел има улога да изгради компромис помеѓу 27-те шефови на држави и влади на Европската Унија.
 
Се очекува премиерот Заев денеска и на Мишел да му ги повтори аргументите дека е нужно Северна Македонија да ја одржи првата Меѓувладина конференција пред крајот на португалското претседателство, за да се зачува и подобри кредибилитетот на Европската Унија како во земјата така и во целиот регион.
 
Северна Македонија заедно со Албанија во март 2020 доби зелено светло од сите 27 членки на ЕУ едногласно дека треба да започне преговори со ЕУ, но Бугарија го блокира усвојувањето на преговарачката рамка поради билатерален идентитетски спор. Повеќето земји членки на ЕУ отворено изјавија дека не ја поддржуваат Бугарија во оваа блокада, но останува дека Софија има право да стави вето и дека само со согласност од сите 27 земји на ЕУ може да се усвои рамката за Северна Македонија и да се одржи првата Меѓувладина Конференција. Оваа конференција всушност го означува формалниот почеток на преговорите за членство во ЕУ.
 
Зоран Заев минатата недела од Брисел повтори дека нема да прифати почеток на преговори со ЕУ по цена на македонскиот идентитет и јазик. Македонскиот јазик стои во нарт преговарачката рамка, а таа мора да биде усвоена и од Северна Македонија за да биде важечка.
 
Ова премиерот им го порача на сите свои соговорници и се очекува повторно тоа да го стори со Шарл Мишел денеска.
 
Тој ќе потсети и дека од односот кон Северна Македонија зависи кредибилитетот на Унијата во целиот регион, но и дека во прашање е и регионалната стабилност.
 
 
Заев вчера учествуваше и на лидерската средба на шесте земји од западен Балкан на покана на високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел, на која фокус бил геополитичкиот аспект на односите ЕУ-Западен Балкан, но се разговарало и за ЕУ перспективата на сите шест држави кои во последниот период е значително отежната и забавена.
 
=Република Северна Македонија ги заврши сите свои обврски што произлегуваат од листата со критериуми за почеток на завршниот преговарачки процес за пристапување во членство во Европската Унија. Тоа Европската комисија го препозна и во нејзините извештаи за напредокот на земјата до Европскиот совет и до лидерите на земјите членки на ЕУ многу јасно стави до знаење дека земјата има безусловна препорака за почеток на преговорите, нагласи вчера пред почетокот на вечерата премиерот Заев.
 
Северна Македонија се надева дека до крајот на португалското претседателство ќе се изнајде решение да може земјата, заедно со Албанија, да ги започне долгоочекуваните преговори со ЕУ.