Заев го предложил Ковачевски за наследник


Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, на вечерашната седница на партискиот Централен одбор го предложил заменик-министерот и член на партискиот Извршен одбор Димитар Ковачевски за негов наследник во партијата, а со тоа и за нов мандатар, велат партиски извори.

Според неофицијални информаци, откако Заев се појави со Ковачевски на средбата со лидерот на Алтернатива Африм Гаши, денес пред сопартијците отворено застанал зад него, посочувајќи дека е добар избор за нов лидер и премиер.

Внатрепартиските избори во СДСМ треба да се одржат на 12-ти декември. Од владејачката партија велат дека првично никој не реагирал негативно на промоцијата на Ковачевски од страна на Заев, меѓутоа многумина биле збунети. Сепак, во следните денови не се исклучуваат реакции, бидејќи безмалку сите во СДСМ биле против заминување на Заев, додека не е мал број од луѓето што се отворено против Ковачевски, сметајќи дека со него партијата ќе оди назад.

Иако Статутот на СДСМ предвидува и можност за избор на в.д. претседател, за што одлука би се носела на конгрес и би се оневозможило евентуално разгорување на внатрепартиска битка за лидерското место, поголема е веројатноста да се оди на нови внатрепартиски избори за лидер. Со тоа, според проценки во партијата, се отвора простор за влегување на повеќе кандидати во трката, што може да предизвика неизвесност, бидејќи целото членство има право да учествува во изборот на лидер. Да се оди на избор на в.д. претседател на конгрес на партијата, наводно, заговараат токму групите што не сакаат Ковачевски да добие полн легитимитет, зашто во овој момент самите не се подготвени да понудат противкандидат.