Забрането собирање во групи поголеми од пет лица


Фото: Борис Грданоски

Владата на вечерашнава седница донесе одлука да се забрани собирање во група поголема од пет лица во паркови и на други јавни површини.

Потоа, го забрани пристапот на лица и возила во Парк шумата „Водно“ над Скопје, секој ден, во период од 18:00 часот до 6:00 часот наредниот ден. Полицијата со патролни возила треба да го спречи пристапот кон Водно.

Понатаму, се забранува одржување на наставата и спроведувањето на обуките и испитите во испитните центри од страна на школите за обука за возачи, за период од 14 дена.

Владата им препорача на сите работодавачи, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организираат работата и начинот на работа на вработените лица, преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата.

Исклучок од оваа мерка се вработените лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови.

Сите маркети, аптеки, банки и објекти кои даваат поштенски услуги, задолжително да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти, со цел да се контролира влезот и бројот на лица, така што ќе се обезбеди минимум потребното растојание од два метри помеѓу лицата пред и во објектите.

Владата ја донесе и Одлуката за ограничување на извозот на пченица и наполица  и брашно од пченица или наполица. Ограничувањето на извозот  од член 1 на оваа одлука ќе се применува до 30 април 2020 година, со можност за продолжување доколку состојбата со пандемијата го бара тоа. Оваа одлука е усвоена со цел да не се нарушат состојбите на пазарот во земјата, и да  се обезбедат доволни количини на брашно во земјата во услови на зголемена побарувачка на пазарот за овие производи.

На седницата е усвоена и Одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало на: леб, сол, шеќер, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови, лична заштитна опрема, средства за лична хигиена и дезинфекциони средства.

Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 11 март 2020 година, кога од страна на Светската здравствена организација  е прогласена пандемија на корона вирусот и ќе се применуваат до 30 април 2020 година.