Забавува растот на европската економија


Економскиот раст во Европа забави на годишна основа во текот на првиот квартал од 2026 година, според податоците на Евростат.

Во еврозоната, растот на БДП се намали од 1,3 проценти во четвртиот квартал од 2025 година на 0,8 проценти во првите три месеци од оваа година, додека во целата Европска Унија забави од 1,4 на еден процент.

На квартално ниво, ЕУ го одржа растот од 0,2 проценти, додека еврозоната забележа мало забавување од 0,2 на 0,1 процент.

Највисок квартален раст меѓу членките постигна Финска, чиј БДП се зголеми за 0,9 проценти, додека Ирска имаше најслаб резултат со пад од два проценти во економијата во споредба со претходниот квартал.

Податоците од пазарот на трудот покажуваат дека вработеноста продолжува да расте, но со побавно темпо.

Во Еврозоната и ЕУ, вработеноста се зголеми за 0,1 процент на квартална основа, додека на годишна основа, бројот на вработени се зголеми за 0,5 проценти во Еврозоната и за 0,6 проценти во Европската Унија.

Во исто време, годишниот раст на вработеноста во еврозоната забави од 0,7 проценти на крајот од минатата година на 0,5 проценти во првиот квартал од 2026 година, додека во ЕУ остана непроменет на 0,6 проценти.

Податоците потврдуваат дека европската економија влегува во период на побавен раст, и покрај стабилниот пазар на трудот и континуираната потрошувачка.

Во последните месеци, економистите предупредуваат дека европската економија е истовремено оптоварена од високи каматни стапки, геополитички тензии, поскапа енергија и слабеење на индустриската активност, особено во најголемите економии како што е Германија.

Забавувањето доаѓа во време кога пазарите ги очекуваат првите сериозни потези од страна на Европската централна банка во насока на олабавување на монетарната политика и евентуално намалување на каматните стапки во текот на наредните месеци.