Нема пари за тутунарите, државата бара да се стрпат
Беше ветувано дека субвенциите за минатата реколта ќе се исплатат во април. Потоа рокот се одложи за мај, сега има ново ветување – крајот на јуни
БИТОЛА – Расте револтот на тутунопроизводителите по веста дека и оваа недела нема да им да бидат исплатени парите за субвенциите за реколтата 2025-2026. Парите им се ветуваа од април, па во мај и само добиваат пораки да се стрпат, а денеска кога изминува првата недела од јуни, им пропадна надежта дека субвенциите ќе легнат на нивните сметки.
Наместо пари добија извинување од претседателот на Сојуз на тутунски здруженија, Кире Ристевски дека исплатата се пролонгира.
„Исплатата на субвенциите ќе биде пролонгирана, ја користам приликата да им се извинам на тутунопроизводителите дека ќе задоцнат субвенциите за 10 до 15 дена и ќе бидат исплатени во целост. Најмногу до средината на месецот ќе бидат исплатени“, убедува Ристевски.
Наместо МЗШВ да им соопшти официјално на тутунарите зошто нема да им бидат исплатени субвенциите во првата недела на јуни, како што претходно и кажаа, тоа за нив го направи Ристески.
Премиерот и министерката за финансии постојано уверуваат дека буџетот бил во одлична кондиција, но изгледа не е така поради доцнењето на исплати на многу субвенции, како и поврат на ДДВ. Можеби сега ќе се чека ребалансот за да може да се насочат парите за тутунарите.
Оправдувањето на првиот човек на Сојузот на тутунски здруженија е дека пролонгирањето на оваа исплата е бидејќи работеле на случајот 91 тутунар кој требаше да ги вратат субвенциите за 2024 поради неправилности во прикажувањето на парцелите со тутун, да им се простат парите.
Ова значи дека државата прво со решенија ги „стресе“ тутунарите да ги вратат парите, а сега им простува сума од 20 милиони денари оти една количина на тутун сработиле, а друга повисока пријавиле за да земат субвенции.
Сојузот сега уверува дека после интензивните преговори со надлежните државни институции, овие пари сепак ќе си останат кај тутунарите. А во иднина, со закон да биде регулирано – субвенциите да се добиваат само според килограм предаден род, а не и според обработена површина.
Ристевски нема одговор како државата ќе си ги надомести овие 20 милиони денари, и зошто им ги „простува“ на 91 тутунар?
„Ева една радосна, добра вест за тутунопроизводителите кои требаше да ги вратат земените субвенции за 2024 година. Со напорна работа, со состаноци со релевантните фактори во државава, успеавме тутунарите да не ги враќаат тие средства. Значи, најавата што беше за 2024 дека треба да ги вратат субвенциите, нема враќање, нема повраток, да бидат раат тутунопроизводителите“, порача Ристевски.
Додека се очекува исплатата на ланските субвенции, бербата на тутунот од годинашната реколта е на прагот, односно започна во одредени региони од државата. Според склучените договори со околу 35.000 коопернати, годинава се очекува род од околу 31 милион килограми тутун, засадени на 15.000 хектари.
„Почната е веќе и бербата во Источниот дел на Македонија, а овде во Пелагонискиот Регион очекуваме да почне од наредната недела“, појаснува Ристески.
На социјалните мрежи, тутунопроизводителите не го кријат револтот од неисплатените субвенции.
Фросина пишува: „Само се пролонгира исплатата, прво кажа во април, па во мај а сега да се стпиме до средината на јуни. Преваранти без осет и срам“.
Поце Митев коментира: „Само се замајуваат луѓето и се поместуваат роковите, единствената причина е ги изедоја парите. Земјоделците на крај го плаќаат политичкиот недомаќинлак“.
Игор Мирчески, поранешен координатор на новоформираните тутунски здруженија реагира: „Со години барани и конечно од пред 2 години стекнати субвенциите по површина и за зелена нафта, сега работиме да се вратиме назад повторно да има субвенција само по предаден килограм. Каква глупост, оние (Сојузот) кои треба да бараат зголемување на субвенции и по разни основи, ќе барале да се укинат веќе стекнати права во случајот субвенции. Кирца, абе шо се брукаш брат, имаш образ или за пуста фотелја го изгуби.“
За годинава намалена е субвенцијата од 100 денари за килограм прва класа тутун. Висината на директните плаќања за тутунот од оваа реколта изнесуваат 80 денари по килограм за I-I класа, 70 денари по килограм за I-II класа, 60 денари по килограм за I-III класа, II-I класа од ориенталните дополнителни тутуни, од типовите Прилеп и Јака.
На крајот на март годинава власта ја донесе Програмата и Уредбата за директни плаќања за 2026 година, утврдени се две мерки за поддршка на производството на тутун.