За Влада Урошевиќ, еден и единствен во нашата таканаречена „културна средина“


Романот „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополоски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ во издание на „Арс Либрис“ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2022 година (во конкуренција на 34 романи) , соопшти денес на прес-конференција Ѕвездан Георгиевски од Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. 

Инспиративна реч за изминативе седумдесеттина години перманентен и повеќе од видлив писателски, преведувачки и секаков „културален активизам“ на истакнатиот македонски културен деец, интелектуалец и книжевник, академик Влада Урошевиќ (1934, Скопје) , на 24 февруари, на промоцијата на неговата последна книга и на уште три евергрин романи, во МКЦ во Скопје, имаше истакнатиот театролог и писател, Јелена Лужина.

Фото: Б. Грданоски

„Седмиот роман на Влада Урошевиќ е еден од доказите дека книжевното уметничко дело мора најпрвин да е УМЕТНОСТ –  висока уметност – која  само попатно („технички“) може/мора  да се „повикува“ на она кое во драматургијата колоквијално се нарекува „содржина на хартија“, рече на промоцијата пред присутните, Лужина, автор и на поговорот во „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ .

Фото: Б. Грданоски

Еве  ја во целост речта на Јелена Лужина на промоцијата во Скопје.

„Му се извинувам на Влада Урошевиќ што  оваа беседа ја започнувам со една граѓанска индискреција.

Ерго:

За некои седум-осум месеци, во октомври годинава, вечерашниот наш протагонист  Влада Урошевиќ ќе ја заокружи 89-тата година од својот долг, успешен, ретко исполнет, чесен и исклучително креaтивен живот. Среќен живот, не само професионален и творечки туку и личен, семеен, „обичен“.  И ќе зачекори во јубилејната десетта декада, сосема по урнек на еден од заедничките ни книжевни херои, легендарниот Клод Леви Строс, кој пишувал и пишувал – секојдневно! – сѐ до својата 101 година.

Индискрецијата си ја дозволувам само  затоа што, преку неа, се обидувам накратко да го рекапитулирам и/или да го синтетизирам таканаречениот професионален  и творечки пат на „дотичниот автор“. Еден и единствен во нашата таканаречена „културна средина“. По дефиниција мала, ама сепак, ете,  кадарна да се пофали и со некои автори – Бергман би рекол „персони“ – кои успеваат да ја надитрат. И да ѝ ги кренат стандардите.

Во книгите и во книжевноста Влада Урошевиќ се нурнал веќе на две-тригодишната возраст, дури и пред да ги научи сите букви. Првите „парабелетристички“ авантури му беа листања на географските атласи, шарени и загадочни,  од кои научил дека светот е каде-каде поголем од домашните ни маала, реки и планини. 

Првите песни ги објавил во 1954 година. Првата книга – поетска, полисемична (тогаш се велеше „модернистичка“), насловена со провокативната  синтагма „Еден друг град“ –  ја објавил во 1959 година. И така, на 25-годишна возраст, бил признаен за „легитимен писател“. Отогаш до денес, во долгото меѓувреме,  раздолжено на повеќе  од шеесет-и-кусур  години, објавил вкупно 23 поетски и четириесетина прозни авторски книги, жанровски разновидни до неверување. Последната е романот кој вечерва го промовираме. Седмиот роман во неговата т.н. персонална/авторска библиографија. Исклучително екстензивна во секоја смисла: жанровска, јазичка, формативна, мултикултурална… Библиографските истражувања се во тек; досега се идентификувани, проверени и евидентирани околу 1500 референци, домашни и странски; процесот продолжува,  со намера интегралната граѓа да биде систематизирана, објавена и сериозно искоментирана во 2024 година, во  некој вид/формат  на „нестандардна“  монографија. 

Накратко: од архајската 1954 година до денес, во текот на изминативе седумдесеттина години перманентен и повеќе од видлив писателски, преведувачки и  секаков „културален активизам“,   Влада Урошевиќ континуирано го потврдува како најдинамичен, најупорен, најпродуктивен, во формативна смисла најразновиден и, воопшто, најљубопитен автор во севкупната македонска книжевност. Од палимпсесните векови  до денес.

*

Неговиот седми роман, кој вечерва „премиерно“ го претставуваме, необичен е (провокативен)  веќе   и поради насловот: артикулиран како приказна (добро, како парафраза на приказна!) испишана со дури 97 букви форматирани во  вкупно 17 зборови:

ВИСТИНИТА НО НЕ МНОГУ ВЕРОЈАТНА ИСТОРИЈА ЗА СЕМЕЈСТВОТО ПУСТОПОЛСКИ ЗА КУЌАТА ПОКРАЈ ВАРДАР И ЗА ЧЕТИРИТЕ ПРСТЕНИ.

Тематските зборови во оваа синтагма – од чијшто зборовен и „општословен“ материјал би можела да се изнапише најмалку една песна, можеби и сонет… – се клучните два квалификативи:  вистинито и веројатноСекој што-годе компетентен читател веднаш ќе ја препознае „јадицата“ која авторот ни ја фрла:  Аристотел, За поетиката, глава 9, позицијата 1451 б, превод на Михаил Петрушевски!

„…историчарот и поетот се разликуваат не по тоа дали кажуваат нешто во стихови или во проза (…)  туку во тоа што едниот го кажува она што станало, а другиот како би можело нешто да стане. (…) зашто поезијата го кажува повеќе она што е општо, а историјата она што е посебно“.

Пишувајќи го овој маестрално составен роман-шарада, развеан  низ 333 густо испишани и трилерски „напнати“ страници,  Урошевиќ – како и секој расен писател, впрочем! – постојано  еквилибрира помеѓу  вистинитото (посебно, според Аристотел) и веројатното (општо, пак според Аристотел). Притоа, се разбира, сето време агира како  уметник: имено, како автентичен создавач илити привилегиран творец на настани-ликови-светови, никогаш како нивниот хроничар, запишувач, „записничар“ или коментатор. Неговата луцидна („урошевиќијанска“) кокетерија со „историја на семејството Пустополски, за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“  е фикционална и книжевна, то ест уметничка – мудриот Аристотел  вели „општа“ – бидејќи нејзиниот автор и „измислувач“, просто, егзистира и агира  како еклатантниот homo ludens од канонската книга на прочуениот Јохан Хојзинга. Следејќи ги „хојзингашката матрица“ и аристотелијанскиот постулат за „општоста“ и за „веројатноста“, Урошевиќ „само“  го иронизира/проблематизира (дури и го банализира)  таканареченото  вистинито  и  хедонистички  да му се предава на веројатното со кое се поигрува, детски наивно и искрено. Автентично. Без граници. Како што тоа го прават најрасните надреалистички сликари и поети – Шагал, Дали, Магрит, Де Кирико, Бретон, Рембо, Аполинер, Буњуел… Грамадните јунаци на естетиката која Урошевиќ одамна ја препознал за своја, се идентификувал со неа и ја вградил во сопственото авторско писмо. Но и во она што колоквијално се именува како „поглед на свет“.

Попатно: надреализмот е дамнешниот темат на неговата докторска дисертација (испишана вехементно и за мерак!),  но и неговиот авторски кредо. 

Накратко и најнакрај: 

Седмиот роман на Влада Урошевиќ е еден од доказите дека книжевното уметничко дело мора најпрвин да е УМЕТНОСТ –  висока уметност – која  само попатно („технички“) може/мора  да се „повикува“ на она кое во драматургијата колоквијално се нарекува „содржина на хартија“. Смислата и, во крајната линија,  „вистината“ на  Шекспировиот „Хамлет“ нема да ја најдеме во таа „содржина“, триж помалку „на хартија“, туку – како што велеа руските формалисти – во „начинот како драмата на Хамлет е направена“. А направена е за да „лебдее“ и да не „допира“, таинствено и сосема необјасниво… Бидејќи не е „вистинита“ туку е  (само) „веројатна“…

Како и куќата покрај  Вардар,  четирите прстени и сета фина дискурзивна пајажина која „лебдее“ низ седмиот роман на Влада Урошевиќ“.