Македонскиот мјузикл „Као какао“ ќе го отвори битолското културно лето „БитФест“


Македонскиот мјузикл „Као какао“ инспириран од музиката на Влатко Стефановски, љубовна приказна напишана од Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски, на 19 јуни ќе го отвори најновото издание на Битолско културно лето „БитФест“.

На прес-конференција во Битола, директорот на ЈОУ Културен информативен центар (КИЦ)-Офицерски дом, Димитар Михајловски, изјави дека за прв пат битолскиот КИЦ во целост ќе го организира и реализира „БитФест“.

– Битолското културно лето „БитФест“ го отвораме со големо дело, со прекрасниот мјузикл „Као какао“. Сакам да истакнам дека ЈОУ КИЦ-Битола за прв пат како институција ќе го организира битолското културно лето, а Општина Битола е поддржувач на големиот културен настан. Свеченото отворање на „БитФест“ ќе биде на 19 јуни во големата сала на битолскиот Центар за култура. Наскоро ќе ја презентираме целата програма на „БитФест“, посочи Михајловски.

Според Влатко Стефановски, „Као какао“ не е забавно естраден проект, туку сериозен и амбициозен уметнички експеримент.

– За битолската публика ме врзуваат многу успешни концерти. Таа секогаш има голем апетит за култура. Изненаден сум од успехот на „Као какао“ и сум многу емоционално трогнат. Најинтересно од се е тоа што мојата музика и моите песни се вмрежени во драматуршкото ткиво, во текстот што го пишуваше Венко Андоновски. Овој проект, не е забавно естраден проект, туку многу сериозен и амбициозен уметнички експеримент, истакна Стефановски.

Мјузиклот „Као какао“ ќе го отвори Битолско културно лето, а ќе го затвори Охридско лето, изјави режисерот на мјузиклот Дејан Пројковски

– Благодарам за поканата Битола да биде првиот град по Скопје да настапиме со „Као какао“, мјузикл кој ќе го затвори „Охридско лето“, на 23 август ќе го затвориме фестивалот „Будва град театар“ еден од најреномираните во регионот, а има и други планови. Мјузиклот „Као какао“ полека го трасира својот пат во регионот и тоа е многу важно особено во време кога зборуваме за увоз на култура во Македонија. За нас уметниците задачата е да ги правиме работите и среќен сум што овој македонски проект во следните години ќе ја промовира македонската култура во регионот, посочи Пројковски.

Во „Као какао“ ќе настапат педесеттина уметници, кореографијата е на Олга Панго, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимографијата на Марија Пупучевска.