Мултимедијален концерт „Неми слики – жива музика“ во Дебар


Во Центарот за култура во Дебар денеска со почеток во 19 часот ќе се одржи мултимедијалниот концерт „Неми слики – жива музика“, посветен на уметноста на немиот филм.

Пред публиката ќе настапи гудачки квартет предводен од Пламенка Трајковска, кој во живо ќе изведува музика синхронизирана со проекција на избрани неми филмови. Концертот нуди можност за доживување на спојот меѓу филмската и музичката уметност, инспириран од традицијата на почетоците на кинематографијата, кога музиката во живо била составен дел од филмските проекции.

Автор на проектот е виолинистката и композиторка Пламенка Трајковска, членка на Филхармонијата и основач на музичката организација „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“. Таа е позната по реализацијата на бројни мултимедијални и иновативни концертни проекти насочени кон приближување на класичната музика до пошироката публика.

Во составот на квартетот, покрај Трајковска, настапуваат Милена Гиевска Андоновска на виолина, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело.

На програмата се најпознатите музички теми од ерата на немиот филм, регтајм композиции, како и авторска музика специјално создадена за овој проект.