„Ден на откривање“ на Спилберг: „Негово најдобро дело од последниве 20 години“
Научнофантастичниот филм на Стивен Спилберг – „Ден на откривање (Disclosure Day)“, со Емили Блант, Џош О’Конор и Колин Ферт во главните улоги, којшто од денес се прикажува и во киносалите во Скопје, веќе го нарекуваат – негово најдобро дело од последниве 20 години.
Спилберг стана едно од најважните имиња во Холивуд во својата повеќедецениска кариера. Тоа го потврдуваат и трите Оскари. Американкиот филмаџија, имено, ја освои наградата за најдобар режисер за филмовите „Шиндлеровата листа“ во 1994. и „Спасувајќи го војникот Рајан“ во 1999 година, а „Шиндлеровата листа“ беше прогласен и за најдобар филм во својата категорија. По хит-филмови како „И-Ти – Вонземјанинот“, „Фати ме ако можеш“, „Терминал“ и „Фабелманови“, а по пауза од четири години, режисерот се враќа на големото платно со научнофантастична драма.
Филмот го следи д-р Даниел Келнер (О’Конор), стручњак за кибербезбедност кој наидува на доверливи документи. Тие укажуваат дека луѓето не се единствените интелигентни суштества во вселената. Во истовреме, метеорологот од Канзас Сити, Маргарет Ферчајлд (Блант), доживува необичен момент за време на ТВ-емитување во живо, којшто е, како што испаѓа, мистериозна порака што само д-р Келнер може да ја протолкува…
Во САД, премиерата на филмот е на 12 јуни.
По првичните прикажувања, интернет-просторот веќе е полн со реакции и воодушевувања од гледачите, па дури и додека деталите за заплетот сè уште се чуваа во тајност. На „Ротен томатос“, засега, го препорачуваат 85 отсто од критичарите.
Музиката на Џон Вилијамс, исто така, доби пофалби. Ова е неговата 30-та соработка со Спилберг, а гледачите истакнуваат дека саундтракот совршено се совпаѓа со атмосферата на филмот.