За суспензијата на Русковска надлежно е само обвинителството, вели Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека како дел од извршната власт не сака и не смее да се меша во работата на правосудните органи, а со самото тоа и да ја коментира суспензијата на јавната обвинителка Вилма Русковска.
„Тие институции не се во рамките на Владата, се работи за обвинителството и судството, така што за сите изјави и за сите елементи и факти во однос на тие процеси. Тие се единствените коишто ќе можат да дадат дополнителна информација“, рече Ковачевски во разговор за Сител ТВ, околу ставот на Русковска дека членови на поранешна влада се инволвирани во нејзиното разрешување.
Според него, обвинителството и судството се независни од владата и воопшто од извршната власт. Она што Владата, меѓудругото, има обврска да го направи е да подготви соодветни законски решенија и да обезбеди независен буџет, што веќе го има направено.
Она што јас можам да го направам, нагласи премиерот Ковачевски, е да апелирам кога некоја институција работи независно и има независен буџет кој не е дојден од никаде, туку го плаќаат даночните оврзници, таа институција треба да возврати со ефикасна работа, а со тоа и да се здобие со доверба кај граѓаните.
Тој нагласи дека Владата со ограничување на маржите спречила драстично зголемување на цените на храната, а со тоа и раст на инфлацијата.
„Владата постојано и во текот на целото лето работи на мерки коишто ја ублажуваат инфлацијата и коишто не дозволуваат инфлацијата да експлодира особено во делови на производи коишто се во најголем дел од увоз”, рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека што се однесува до храната, Министерството за земјоделие веќе направи план и го реализира планот за зголемено производство на храна во државата.
„Јас денеска ги гледав бројките за производство на пченица, пченка, јачмен, и увозот кај сите култури е намален, зошто е намален, затоа што го зголемивме производството и имаме многу јасен план, доделивме над 20.000 хектари површини за производство на пченица низ неколку јавни наддавања каде што земјоделците покажаа голем интерес. Потоа определивме финансиски средства за субвенционирање на вештачките ѓубрива, цената на вештачките ѓубрива е исто така енормно зголемена на европските пазари, затоа што основна суровина за производство на вештачки ѓубрива е амониум, а амониумот се добива со помош на гас, и тоа зголемување на цената на гасот прави практично зголемување во синџирот на производство кај прехранбените производи”, рече Ковачевски.