На 12-ти декември СДСМ да гласа за нов лидер, е  предлог одлуката што ќе оди како предлог пред Централниот одбор на партијата, потврдил за ТВ 24 висок партиски функционер од СДСМ. Датумот се поклопува со Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ на кој исто така ќе се бира лидер на партијата.

Ваквиот предлог  доаѓа откако по нешто помалку од три часа дебата Зоран Заев останал нa ставот дека се повлекува. Дебата се сели на Централниот одбор кој треба да ја одобри одлуката за нов лидер.

Седницата на Централниот одбор на СДСМ требаше да се одржи во вторникот, но беше одложена поради тридневната жалост пои автобуската несреќа во Бугарија. Постапката за избор на нов претседател на партијата започнува само ако се прифати  оставката на Заев.Според Статутот на партијата, предвиден е рок од 15 дена за распишување внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ. Изборите се непосредни, со тајно гласање за сите пријавени членови. Новиот претседател, како што најави самиот Заев, треба да биде и мандатар на новата влада. Во јавноста веќе кружат неофицијални имиња за иден премиер.

Инаку, постојат стравувања дека по повлекувањето на Заев партијата ќе влезе во фаза на партиски поделби, со оглед дека се најавуваат неколку кандидатури за партиски лидер. Според партиски оценки прашање на време е колку ќе издржи владата предводена од СДСМ, без оглед дали ќе се зголеми парламентарното мнозинство.