За Николоски ова е црн ден за демократијата, бара избори (ВИДЕО)


Денес во Македонија се сруши демократијата и имаме црн ден што ќе остане запишан во страниците на историјата. Беше киднапиран пратеник и видовме како режимот на власт се транформира во најкриминоген режим на просторот на Европа – рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, пред да соопшти дека тој и пратениците на опозицијата си заминуваат од Собранието бидејќи практично изгубија надеж дека ќе ја урнат владата.

Николоски истакна дека за ова ќе има одговорност, за киднаприрањето на пратеници, одземање на телефони и затворање на пратеници во сала. Според него очигледно е дека криминалниот режим на власта се обидува по секоја цена да остане на власт, но тоа нема да трае долго.

– Од овде вечерва имам јасна порака во име на целата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е дека наједноставниот излез од оваа политичка криза се брзи предвремени избори во најкус можен рок.

На неговите обвинувања реагираше координаторот на СДСМ Јован Митревски кој ги оцени како некреативни  конструкциите од ВМРО-ДПМНЕ дека нивните пратеници биле недостапни на своите мобилни телефони и дека им биле одземени.

-Телефоните на пратениците на СДСМ се јавно објавени и достапни на сите граѓани. Во секое време може да ги побарате, може да ги побараат и од ВМРО-ДПМНЕ, и ќе им одговорат лично на сите прашања. Во целата денешна конструкција очекував да бидат покреативни. Вакви лаги не поминуваат ниту кај децата во предучилишно образование. Исто така, очекував дека денеска стоечки ќе го издржат поразот, изјави Митрески, а пренесува МИА.