За Маричиќ е важно и опозицијата да биде вклучена во преговорите со ЕУ


Фото: Б. Грданоски

 

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во денешното онлајн вклучување од Брисел, во „Студио 10“ на ТВ24, изјави дека важно е и опозицијата да биде вклучена во преговорите и дека верува дека во ВМРО – ДПМНЕ има и пратеници и политичари кои ја сфаќаат тежината на овој процес и дека не треба сами да се закочиме себе по прифаќањето на францускиот предлог, односно по земањето на обврската за внесување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот.

„Јавно го повикувам Александар Николоски како претседател на Националниот совет за европска интеграција да седнеме и да разговараме на кој начин тоа тело, а со тоа и опозицијата, ќе има улога во овој процес. Ние во текот на скринингот ќе треба да утврдиме преговарачки позиции, тоа значи дека треба да се обврземе за колку време можеме некои работи да ги прифатиме и да ги исполниме. Во тоа има улога и Собранието“, рече Маричиќ.

Тој мисли дека консензусот за наше членство во ЕУ треба да се обнови и дека не би било фер кон граѓаните да се блокираме самите себе, ниту пак кон државата бидејќи и онака доволно чекавме, доволно бевме блокирани и имавме пречки досега.