За да останат конкурентни, на компаниите ќе им бидат потребни и работници од странство, вели Битиќи
Привлекување работници од странство или доквалификација на домашните работници треба да се прави за да не се влоши состојбата со недостиг на работен кадар, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи по посетата на компанијата за производство на стакло „Глас Флекс“ во Тетово.
Ова, како што нагласи Битиќи, треба да се прави за македонското стопанство да биде конкурентно поради новата ера на индустријализација.
-Не смееме да дозволиме нашите стопанственици да бидат неконкуретни. Другите земји во регионот и Европската унија го прават истото. Во Србија, Албанија, Црна Гора, Босна па и во Косово веќе има работна сила која што доаѓа од регионот или од подалеку. Ако ова не го направиме за две до три години, состојбата ќе биде уште потешка, некои од компаниите ќе треба да затворат затоа што не можат едноставно да издржат. Затоа велиме дека либерализирање на пазарот на труд овозможува да се зголеми конкурентноста на нашите компании за да креираат нови работни места, а секако нашите граѓани секогаш ќе бидат на прво место. Но, заедно со нив треба да работиме на нивна доквалификација, истакна Битиќи.
„Глас Флекс“ работи во рамки на тетовската технолошко-индустриско развојна зона. Менаџерот на фабриката Гоце Пешов посочи дека иако имаат добри плати, не можат да најдат работници, особено квалификувани кадри. Тој вели дека помошта што ја дава државата треба да се насочи и кон оваа област.
-Имаме доста проблеми со обучени кадри кои во моментот недостасуваат во нашата држава. Подготвени сме секогаш за нови кадри-оператори што може да работат на ваков тип машини. Дури и овде очекуваме некаква помош од државата која може да делува на носење кадри и од странство по потреба. Ние имаме во моментот околу 60 вработени, а на годишно ниво имаме потреба од зголемување на работната сила од 25 отсто. Сите оператори што се на машините се обучени, но потребни се уште обучени кадри за да можеме да работиме и во повеќе смени, истакна Гоце Пешов.
Битиќи дополни дека ќе мора да се работи на преквалификација на работната сила за да одговора на новите текови во економијата и индустријализацијата.
-Само за споредба, 57 отсто од невработените регистрирани како активни баратели на работа во Агенцијата за вработување се со незавршено или со основно образование. Над 17 отсто се со незавршено или завршено средно образование, тоа не носи до речиси 75 отсто од активните баратели на работна сила кои имаат до средно образование. Со нив треба да работиме на реквалификација или и доквалификација за одредени работни места, рече Битиќи и потсети дека на крајот на 2022 година се исплатени рекордни 23 милиони евра државна поддршка на 410 компании.