(Вулкан) Еден од најактивните вулкани на светот повторно еруптира


 

Вулканот Килауа, еден од најактивните на светот, повторно исфрла лава, но засега само од главниот кратер и не е закана за населението, соопштија американските власти.

„Вулканот исфрла лава во висина од петкатница”, објави на Твитер, Американскиот геофизички завод.

Првите пукнатини на кратерот се појавиле во средата, а набрзо се претвориле во реки лава вжарена на 1.100 степени Целзиусови.

Ерупцијата засега не е закана, но привлекува туристи

Редовните ерупции на Килауа од 1950-тите години на минатиот век, привлекуваат туристи. Управата на националниот парк Хавајски вулкани, во кој се наоѓа и овој вулкан, почна да мобилизира пресонал во очекување на поголем број гости.

„Се подготвуваме за поголем број посетители во текот на викендот“, рече портпаролката на паркот.

Ерупцијата на Килауа засега не е закана, но Вулканската опсерваторија на Хаваите и понатаму го следи развојот на ерупцијата затоа што таа е динамична и неизвесна.

Килауа е еден од петте вулкани на Хаваи, најголемиот остров во пацифичкиот архипелаг. Во 2018 година ерупцијата на Килауа уништи стотици куќи, а дваесетина луѓе кои беа на брод и од таму ја набљудуваа активноста на вулканот, беа повредени кога лавата стигна до океанот. Еден од нив беше тешко повреден од прскањето на магмата.