Вучиќ не верува дека Заев се повлекува само поради лошите изборни резултати


Српскиот претседател Александар Вучиќ ги искоментира најновите случувања на македонската политичка сцена. Според него, не се работи само за резултатот од изборите, туку дека има и други причини за оставката на премиерот Зоран Заев. Тој вели дека оставката на  Заев се должи и на разочарувањето од преговорите за членство на земјата во ЕУ. 

„Рекоа дека ако го потпишат Договорот од Преспа, Северна Македонија ќе добие отворање на преговорите со ЕУ, а тоа не се случи“, изјави Вучиќ за ТВ Пинк од Глазгов, каде што учествува на Самитот на ОН за климатските промени.

Тој рече дека по оставката на македонскиот премиер остануваат многу прашања како ќе се развиваат работите во следниот период, односно дали ќе се одржат нови избори или ќе остане сегашното мнозинство, дали ќе се промени односот кон Бугарија и дали ќе се влошат политичките услови во Македонија.