Второ дете на Авганистанци евакуирани во Полска почина од отровни печурки

Шестгодишното дете почина еден ден подоцна по неговото помало братче кое исто така умре откако јаделе супа зготвена со отровни печурки
Второ дете на авганистанско семејство евакуирано од Кабул во Полска почина откако јадеше супа со отровни печурки, кои семејството несвесно ги собра во шума пред нивниот карантински центар.
Шестгодишното момче доби итна трансплантација на црн дроб, но лекарите не успеаја да го спасат. Неговиот петгодишен брат почина во четвртокот во главната полска детска болница во Варшава, каде и двајцата беа лекувани.
17-годишната сестра на момчињата беше лекувана во болница и е пуштена во добра состојба. Лекарите рекоа дека дозата на токсини е помалку штетна за возрасно лице со поголема телесна маса.
Властите истражуваат дали негрижата можела да биде фактор за труењето минатата недела.
Семејството од двајца возрасни и четири деца, наводно, зготвило супа со многу отровни печурки што ги нашле во шумата околу центарот во близина на Варшава, каде што биле под задолжителен карантин.
Мариуш Камински, министер за внатрешни работи, оваа недела рече дека труењата се „трагедија, но не произлегуваат од каква било негрижа во центарот“.
Властите ги отфрлија шпекулациите на медиумите дека оброците на храна во центарот можеби биле недоволни.
Полска го евакуираше семејството минатиот месец на барање на Велика Британија, откако талибанците го презедоа Авганистан. Таткото работел за британската војска.
Во одделен инцидент во различен центар во близина на Варшава, четворица мажи од Авганистан биле хоспитализирани откако јаделе отровни печурки, според државната канцеларија за странци.
Во Полска има околу 1.300 видови печурки, од кои околу 200 се отровни. Тие се популарна храна, но потребно е многу добро познавање на нив за да се разликуваат отровните од јадливите.
Печурките во Европа често се разликуваат од оние во матичните земји на новодојденците, а имало и други такви случаи на труење со печурки во изминатите години во Германија и на други места.
Во Данска во 2017 година, две деца од семејство на бегалци од Конго починаа, а уште девет членови на семејството беа хоспитализирани откако јадеа токсични печурки. (АП)