Војната се развлекува, санкциите го земаат данокот, а Русите стануваат покритични спрема Путин

Расположението во Москва и остатокот од земјата е мрачно, тивко, исплашено. Никој не може ништо да планира однапред, зашто на војната не ѝ се гледа крај


Празни излози во шопинг мол во Москва

 

Ноември и декември во Москва се познати како најдепресивни месеци во годината. Деновите се кратки и мрачни, времето е премногу студено и влажно за да се биде на отворено, а во исто време сè уште е премногу топло и дождливо за да уживате во вистинска руска зима.

Годинава чувството на меланхолија е уште поголемо, особено кога се гледаат затворените врати на многу дуќани низ улиците на главниот град. Бизнисите ги трпат последиците од огромните западни санкции кои дојдоа како одговор на војната во Украина – која руските власти сè уште ја нарекуваат „специјална воена операција“, пишува Си-Ен-Ен.

„Расположението во Москва и остатокот од земјата е навистина мрачно, тивко, исплашено и безнадежно“, изјави 34-годишната Лиза, која не сакаше да го каже своето презиме. Таа вели дека е филмски продуцент. „Ништо не може да се планира однапред. Никој не знае што ќе се случи, ниту утре, ниту за една година“.

И додека полиците во повеќето продавници сè уште се полни, производите од Запад сè потешко може да се најдат и се сѐ  поскапи, што дополнително ги зголемува цените кои веќе предизвикуваат главоболки во многу руски домаќинства.

„Исчезнуваат познати производи, од тоалетна хартија и кока-кола до облека“, вели Лиза.

„Се разбира, можете да се навикнете на сето тоа, не е тоа најлошото“, додава таа. Но, во исто време, таа ги критикува владите и компаниите од Западот кои го напуштија рускиот пазар по почетокот на инвазијата: „Навистина не разбирам како ова помага да се реши конфликтот, бидејќи тоа влијае на обичните луѓе, а не на оние кои одлучуваат за овие работи“.

Некои економисти веруваат дека Русија ќе биде погодена од зголемени економски проблеми и дека населението сè повеќе ќе ја критикува „специјалната воена операција“, особено затоа што поразите се нижат: неодамна во Херсон на југот на земјата, решителната украинска офанзива ги принуди Русите да повлекување.

Сергеј Јаворонков, постар истражувач во Институтот за економска политика „Гајдар“, вели дека расположението е веќе понегативно од претходно, благодарение и на „економската цена и незадоволството што задачата сè уште не е завршена“, што е спротивно на очекувањата наметнати од Кремљ.

„Требаше да победиме. Лидерите ветија дека ќе го заземат Киев за три дена, но како што гледаме, тоа се покажа како глупост“, изјави Јаворонков за Си-Ен-Ен.

„Во својот говор на 24 февруари Владимир Путин рече дека воените операции ќе ги врши исклучиво професионална армија. Но, во септември беше наредена делумна мобилизација – тоа не беше популарна мерка. Оние кои не сакаат да се борат се мобилизирани за војна“, продолжува тој.

„Тоа е познат ефект: кратка победничка војна ќе предизвика ентузијазам, но ако војната трае бескрајно и не доведе до посакуваниот исход, предизвикува разочарување“, вели Јаворонков.

Мобилизирани Руси во Москва во текот на октомври

Ирина, 30-годишна ПР-менаџерка, не се согласува: таа вели дека верува оти ситуацијата се стабилизирала по првичниот масовен егзодус на Русите кои бегаа не само од западните санкции, туку и од можното регрутирање по најавата на Путин на 21 септември.

Кремљ вели дека повеќе од 300.000 Руси биле повикани во армијата помеѓу крајот на септември и почетокот на ноември, а стотици илјади главно млади мажи ја напуштиле земјата, главно во Казахстан и Грузија.

„Првиот бран на паника помина, сите малку се смирија. Многумина заминаа, но многумина останаа. Среќна сум за оние кои останаа и ја поддржуваат Русија“, изјави Ирина за Си-Ен-Ен.

Истовремено, таа нагласува дека не ја поддржува војната во Украина бидејќи полека ѝ станува јасно на неа, но и на многу други Руси, дека конфликтот може да трае.

„Имам негативен став. Верувам дека секоја агресија, секоја војна е зло. Да се ​​каже дека нема да ги нападнеме нив, туку тие ќе не нападнат нас, се разбира, е апсурдно“, вели Ирина, мислејќи на тврдењето дека Путин постојано го повторува: дека Русија ја нападна Украина во самоодбрана.

Уништување на украинската инфраструктура

Познатиот руски блогер Дмитриј Пучков, кој се нарекува Гоблин и ја поддржува воената операција во Украина, признава дека многу луѓе се потресени од последните порази на бојното поле.

„Од перспектива на граѓанското општество, не е добро нашите војници да ги напуштат териториите кои станаа дел од Руската Федерација. Но, мислиме дека ова е тактички потег и дека нема да трае долго“, напиша тој како одговор на прашањата на Си-Ен-Ен. Пучков вели дека верува оти Русија ќе се бори жестоко и ќе ја принуди Украина на прекин на огнот.

„Мотивацијата во руската армија е на високо ниво“, напиша Пучков, објаснувајќи како мисли дека Русите ќе излезат како победници. „Потребните стратешки одлуки се веќе познати: првата и основна е уништувањето на украинската инфраструктура. Системите за струја, топла вода и парно мора да се уништат“, рече тој.

Се чини дека Кремљ го следи токму тоа сценарио. Руските сили постојано ја напаѓаат енергетската инфраструктура на Украина во последните неколку недели, а минатонеделните напади оставија повеќе од 7 милиони луѓе без струја, соопштија украинските власти.

Нападите, сепак, не ја разнишаа решителноста на Украинците, а надежите за какви било разговори остануваат мали, дури и кога највисокиот американски генерал повикува на дипломатија. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во неделата повика на поголема поддршка за Украина, велејќи им на сојузниците дека „мора да бидеме подготвени да ја поддржиме Украина на долг рок“.

Недостаток на технологија од Запад

На прашањето какво е расположението во рускиот деловен свет во однос на долгорочниот конфликт, Јаворонков одговара со еден збор: „Песимистичко!“

„Економските експерти разбираат дека економијата не може да очекува ништо доколку продолжат воените акции“, рече тој. Руската економија сега официјално е во рецесија, а Јаворонков верува дека ситуацијата само ќе се влоши.

Индустриските компании во Русија се соочуваат со огромни проблеми додека се обидуваат да најдат замена за западната технологија. Автомобилската компанија „АвтоВАЗ“ – производител на „лада“ – беше првата што го прекина производството на почетокот на оваа година, а потоа почна да произведува возила без основни електронски карактеристики како што се воздушни перничиња и системи против лизгање.

Проблемите влијаат на сè, од воздухопловната индустрија до уредите за широка потрошувачка, што го поттикна поранешниот претседател Дмитриј Медведев да повика на национализација на странските средства.

Билборд во Москва на кој пишува – „Победата се кова во оган“

Евгениј Попов, познат новинар и пратеник во рускиот парламент, остро ја критикуваше идејата во еден од ретките моменти на отворено несогласување.

„Што ќе возиме, нема што да возиме. Да возиме вагони?” му викна Попов на поранешниот руски генерал кој ја поддржа идејата во емисија на државната телевизија.

„Да национализираме сѐ, но што ќе возиме, како ќе повикаме некого, што да правиме? Да, целата наша технологија е од Запад“, рече Попов.

Кремљ ја промовира идејата за замена на стоката од Запад со производи и технологии на сојузничките земји како Кина или Иран, како и зголемување на производството во самата Русија.

Во понеделникот, Путин – преку видео врска – отвори фарма за мисирки во регионот Тјумен. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков го прослави тој момент како знак на растечката независност на руската економија. Песков го дефинираше отворањето на фармата за мисирки како „значаен настан во распоредот на претседателот, поврзан со развојот на домашното земјоделство во секторот за месо и живина. Тоа е клучен сектор кој е директно поврзан со безбедноста на снабдувањето со храна во Русија“.

Но, не сите Руси ја поздравуваат зголемената изолација на Русија од остатокот од светот. Продуцентката Лиза вели дека повеќе би сакала нејзината земја да ја прекине војната и да ги обнови односите со странските земји отколку да биде сама.

„Чекам и се надевам дека се ќе заврши, бидејќи ништо не е повредно од човечкиот живот“, заклучува таа.