(ВИДЕО) БЕГ под принудна управа, нема да има студени радијатори

Целиот бизнис со греењето наредните месеци ќе биде управуван од ЕСМ, а БЕГ ќе се стави под принудна управа. Ниту еден ден граѓаните нема да останат без греење


Министерот за економија, Крешник Бектеши на прес-конференција информираше дека проблемот со топлинската енергија во Скопје и во општините е решен.

-Домаќинствата ќе имаат непрекината испорака на парно греење. На денешната седница донесовме уредба во делот на критериумите и условите за прогласување кризна состојба на пазарот на топлинска енергија. Владата ќе обезбеди финансиски средства со кои ќе се субвенционираат сметките за топлинска енергија на сите граѓани кои ја користат, објави Бектеши.

Министерот наведе дека  ќе се формира комисија која ќе предложи мерки и во која ќе се бараат и предлози од ЗЕЛС.

-Нашата цел е граѓаните и жителите да се снабдуваат со парно. Има закони во оваа држава. Надлежностите во топлинската енергија се кај градот Скопје и кај нив треба да се бараат одговорите. Ние како Влада успеавме да најдеме решение во вакви тешки времиња. Утре и натаму во текот на грејната сезона, скопјани нема да се будат со ладни радијатори, додаде Бектеши.

Според него бизнисот со греењето во наредните месеци ќе биде управуван од ЕСМ, а БЕГ ќе се стави под принудна управа. ТЕ-ТО ќе работи и во викендите, а ќе го продолжи работното време од 21 часот до еден часот навечер за да се обезбеди топлина на скопјани, и тоа не само во централните населби туку и во Скопје Север.  За тоа дали ќе се одземе лиценцата на БЕГ за снабдување со топлина ќе се решава наредните денови. 

„Меѓу ЕСМ и ТЕ-ТО има договор, а идната недела ќе се потпише договорот за да ЕСМ  управува со БЕГ. Договорот за испорака на вишоци електрична енергија, потпишан е денеска“, рече Бектеши, што значи дека ТЕ-ТО ќе дава гас на БЕГ за скопјани да имаат топлинска енергија.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека деновиве имаше јавни превирања за тоа каде припаѓа одговорноста за решавање на овој проблем.

– Иако обезбедувањето топлинска енергија е јавна комунална услуга, која треба и е обврска на Град Скопје, сепак одговорно е потребата на граѓаните да е на прво место и затоа Владата тоа го направи, рече Битиќи.

Според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, БЕГ ветиле подобрување на снабдувањето откако во изминатиот период дел од граѓаните се жалеа на млаки, наместо топли радијатори. Тој исто така беше лут на експертите кои најавуваа  дека ќе има големо покачување на парното поради покачувањето на цената на гасот.

„Во изминатиот период имаше најризични очекувања и најави дека ќе се случи апокалипса со топлинската енергија. Кризата со која се соочува со Европа ќе заврши со единствено  поскапување од 14 проценти. Во наредниот период ќе има одлука со која ќе се определи реалната цена на топлинската енергија, а разликата со постоечката цена  ќе се надокнади од Владата“, рече Бислимоски.

Во соопштението што стигна од Владата по прес конференцијата стои дека со  новодонесената уредба за прогласување кризна состојба  следењето на состојбата на пазарот на топлинска енергија ќе го врши Комисија за следење на состојбите со снабдување со топлинска енергија која ќе ја формира министерот за економија.
 
„Комисијата е предвидено да биде составена од осум члена и тоа по еден претставник од редот на високи раководни функции во Министерството за економија, од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, еден претставник од Заедницата на единиците на локалната самоуправа и пет претставници од носителите на лиценци на пазарот на топлинска енергија.
 
Мандатот на членовите на Комисијата изнесува четири години и таа треба да донесе проценка за кризната состојба во снабдувањето со топлинска енергија врз основа на анализите за настанување на целосно или делумно нефункционирање на дистрибутивниот систем на топлинска енергија предизвикано од временски или природни непогоди или хаварии, настанување на траен испад на производствени капацитети за топлинска енергија поради хаварија или недостиг на енергенси за производство на топлинска енергија, можност за користење на алтернативно гориво за производство на топлинска енергија, недостиг на топлинска енергија и состојба на пазарот на топлинска енергија.
 
Со Уредбата е утврдено во случај на кризна состојба, во зависност од проценките, да се преземат мерки за постапување во кризна состојба изготвени од операторите на дистрибутивните системи, може да се спроведе ограничување на снабдувањето со топлинска енергија, како и да обезбедат  дополнителни количини на топлинска енергија.
 
Финансиските средства потребни за реализација на мерките се обезбедуваат од сопствени извори на носителите на лиценци за вршење на енергетските дејности и / или од Буџетот на Република Северна Македонија во согласност со Законот за управување со кризи и на начин определен во одлуката за прогласување на кризна состојба.  
 
Мерките што ќе бидат донесени врз основа на Уредбата, треба да бидат од привремен карактер и да траат до завршувањето на кризната состојба, да не го надминуваат обемот и интензитетот што е неопходен за отстранување на последиците од кризната состојба, и во најмала можна мера го ограничат или нарушат конкурентното работење на пазарите на енергија во Република Северна Македонија и во Енергетската заедница“, стои во соопштението.