НЛБ Банка со нето добивка од 678 милиони денари во првиот квартал


НЛБ Банка успешно го заврши првиот квартал од годината со нето добивка од 678 милиони денари, соопшти банката. Во периодот 01.01.2024 до 31.03.2024 година, Банката продолжи да испорачува кредитна поддршка за населението и бизнис секторот, зголемувајќи го пласманот на вкупните кредити и обезбедувајќи раст од 7,0 отст во овој сегмент, споредено со истиот период претходната година. И вкупните депозити споредно со истиот период претходната година, бележат зголемување за 5,3 отст.

Успешните резултати на Банката се должат на континуираните продажни активности на кредитните продукти со посебен фокус на домаќинствата, микро, малите и средни претпријатија, како и зголемениот број на корисници на платните сервиси.

Во првиот квартал од годинава, НЛБ Банка реализираше низа проекти и активности од областа на општествената одговорност, продолжувајќи ја поддршката кон заедницата, ранливите и маргинализирани категории. Во споменатиот период, НЛБ Банка донираше медикаменти за Центарот за бездомни лица на Црвениот Крст на Град Скопје во Момин Поток, како и средства за набавка на медицински апарати за домашна употреба за пациентите со цистична фиброза во рамките на своето патронство над Асоцијацијата за цистична фиброза, а обезбеди и донација за реновирање на читална во Националната универзитетска библиотека. Во првиот квартал НЛБ Банка го формализираше и своето членство во „Клубот на одговорни бизниси“ во рамки на проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“, спроведуван од асоцијацијата „Конект“, потврдувајќи ги своите заложби за одржливост, етичко деловно работење и грижа за заедницата.