Стопанска банка Битола под лупа на Комерцијална банка – длабинската анализа ќе покаже дали е можно присоединување


Комерцијална банка ќе спроведе длабинска анализа на работењето на Стопанска банка Битола, која ќе даде одговор дали е можна постапка за нејзино присоединување.

Во соопштение до Македонската берза Комерцијална банка посочува дека Надзорниот одбор на Банката на 25.04.2024 година донесе Одлука за спроведување постапка на длабинска анализа на целокупното работење на Стопанска банка АД Битола со цел да се дефинира намера за присоединување на Стопанска банка АД Битола кон Комерцијална банка АД Скопје.

„По завршување на постапката на длабинска анализа, Комерцијална банка АД Скопје ќе донесе одлука дали да продолжи постапката со изразување на намера за склучување на трансакцијата на присоединување, за што јавноста ќе биде известена“, се вели во ценовно чувствителната информација.

Соопштение со слична содржина до Берзата достави и Стопанска банка Битола во кое што потврдува дека се рагледува можноста за присоединување на оваа банка кон Комерцијална банка.

„Согласно Одлука на Надзорниот одбор на Стопанска банка а.д. Битола од 26.09.2023 година и по усвојувањето на Годишната сметка за 2023 година од страна на Собранието на акционери на 25.04.2024 година, Стопанска банка а.д. Битола ја известува јавноста дека се разгледува можноста за присоединување на Стопанска банка а.д. Битола кон Комерцијална банка АД Скопје.

По спроведување на постапка на длабинска анализа на целокупното работење на Стопанска банка а.д. Битола од страна на Комерцијална банка АД Скопје ќе се донесе одлука дали да продолжи постапката со изразување на намера за склучување на трансакцијата на присоединување, за што јавноста ќе биде известена“, се вели во информацијата до Македонската берза.

Инаку, идејата за присоединување на Стопанска банка Битола кон Комерцијална банка не е нова. Уште во септември лани двете банки во две независни соопштенија до Берзата најавија дека е можно присоединување на битолската банка кон водечката банка во земјава.

Тогаш беше посочено дека станува збор за првични контакти, а не и за било каква одлука.

„Комерцијална банка АД Скопје ја известува јавноста дека ја разгледува можноста за присоединување на Стопанска банка АД Битола кон Комерцијална банка АД Скопје, поради што ќе биде остварен контакт со раководството на Стопанска банка АД Битола за првична размена на информации“, стоеше во соопштението на Комерцијална банка во септември лани, како и дека „постапката не претставува намера за присоединување и во ниту еден аспект нема обврзувачки карактер, освен да го изрази првичниот интерес во рамки на претходна постапка да се стекнат информации, врз основа на кои би се дефинирала евентуална намера за присоединување во иднина“.

Уште тогаш беше најавено дека вистинската длабинска анализа ќе биде спроведена после усвојувањето на завршните сметки за 2023 година на двете банки на нивните собранија во 2024 година.

Комерцијална банка вчера го објави и извештајот за работењето во првите три месеци од годинава во кој се вели дека оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.179,1 милион денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.039,7 милиони денари што претставува зголемување за 13,4 отсто. Планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 111,4 отсто. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 32,8 отсто поголема во однос на истиот период минатата година.

Денеска, пак, беа објавени и резултатите за првиот квартал и на Стопанска банка Битола, како и ревидираните финансиски извештаи на Стопанска банка а.д. Битола по годишната сметка за 2023 година.

Според информациите објавени на интернет страницата на Берзата, лани Стопанска банка ја заврши со нето загуба од 3 милиони евра.

Во образложението за остварениот финансиски резултат за периодот од 1.1.2024 до 31.3.2024 година се вели дека Банката оствари позитивен резултат од оперативното работење, односно оствари добивка пред исправка во износ од 44,35 милиони денари, што претставува годишен раст од 8,94 % во споредба со истиот период од 2023 година. Согласно новата Одлука за измена и дополнување на одлуката за методологијата за управување со кредитен ризик Банката издвои повисоко ниво на резервации со тоа се создаде здрава основа за понатамошно успешно работење, се вели во образложението до Берзата.