Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените за задолжителна осигурителна полиса


Фото: Б. Грданоски

Заменик- претседателот на Владата Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реагираше на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.

„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница“, вели Битиќи.

Тој додава дека ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.

„Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени“, вели Битиќи.

Тој ги повикува ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекува да им се компензираат средствата.