Во универзитетските мензи во Берлин нема да се служи месо


Во универзитетските мензи во Берлин ќе се нудат претежно вегански и вегетаријански оброци, почнувајќи од следниот семестар, со цел да се намали штетата врз околината, пренесува Би-би-си.

Околу 68 отсто од оброците ќе бидат вегански, 28 отсто ќе бидат вегетаријански, а само 4 отсто ќе бидат со месо или риба во мензите, почнувајќи од октомври. Во понеделник нема да се нуди никаков оброк со месо, а традиционалните колбаси ќе бидат заменети со салати.

Новото мени има цел да го намали испуштањето на штетни гасови од страна на универзитетите во главниот град на Германија. Месото е составен дел од многу традиционални германски оброци, но научниците велат дека штетните гасови што се создаваат од месната индустрија ги влошуваат климатските промени, пишува Би-би-си.

Според Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство, одгледувањето домашни животни за храна е одговорно за 14,5 отсто од емисиите на штетни гасови во светот.

Студентите велат дека сакаат да има повеќе оброци без месо во мензите. Според анкета од 2019 г., 14 отсто од студентите во Берлин се вегани, а 33 отсто се вегетаријанци.