Во септември просечната камата на кредитите за фирмите била 3,80 отсто, а за домаќинствата 5,53 отсто


Министерката за финансии, Ангеловска истакна дека на расходната страна се додаваат средства за соодветните КОВИД програми

Во септември, просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор изнесуваше 3,80 отсто, што претставува месечен пад од 0,05 процентни поени, а на домаќинствата 5,53 отсто и во однос на претходниот месец се намали за 0,02 процентни поени, покажуваат податоците на Народната банка.

Намалувањето на каматите на кредитите за фирмите, произлегува од падот кај сите компоненти – каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула, потоа на кредитите во странска валута и на денарските кредити без валутна клаузула. Во однос на септември 2019 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор е пониска за 0,52 процентни поени.

Од НБ додаваат дека каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор во септември бележи месечно зголемување од 0,24 процетни поени и изнесува 3,82 отсто, но споредено на годишно ниво е намалена за 0,29 процентни поени.

Кај домаќинствата, промената е резултат на намалувањето на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула, како и на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула и каматните стапки на кредитите во странска валута. Во однос на истиот месец минатата година, оваа каматна стапка оствари пад од 0,28 процентни поени.

И кај домаќинствата просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во септември забележа раст на месечна основа од 0,14 процентни поени и изнесувапе 4,51 отсто, а споредено на годишна основа, каматната стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е пониска за 0,59 процентни поени, покажуваат податоците на Народната банка.