Во пресрет на 8. Март – видео за привлекување жени во Армијата


Во пресрет на 8. Март, Меѓународниот ден на жената, денеска во Министерството за одбрана беше промовирано новото анимирано видео посветено на привлекувањето на жени во редовите на Армијата на Република Северна Македонија.

Видеото е изработено заедно со Канцеларијата на UNWomen во Скопје, а има за цел да покаже дека жените и мажите во армијата се еднакви и дека приоритет за Министерството за одбрана е воспоставување на целосна родова рамноправност и родова перспектива во армиските редови.

На денешната средба, координаторката на работната група за родова еднаквост во Министерството, Катерина Ставреска и раководителката на Канцеларијата на UNWomen во Скопје, Весна Ивановиќ Кастаред заклучија дека меѓусебната соработка е на исклучително високо ниво и дека од оваа соработка произлегоа важни документи кои го воспоставуваат системот за целосна родова еднаквост во Армијата, како новото Упатство за организирање и водење на родова обука, Правилникот и Водичот за заштита од вознемирување, како и ново-промовираното видео.

Ставреска посочи дека Министерството интензивно и посветено работи на полето на родовата еднаквост, а пример за тоа, освен споменатите документи е и сертифицирањето и поставувањето на 36 родови советници во Министерството и во сите единици на Армијата, чија задача е да го советуваат раководството, но и вработените за прашања поврзани со родовата еднаквост.