Во ООУ „Лазо Ангеловски“ ќе одат во училиште само учениците од прво до трето


Дел од директорите на училиштата денеска одржаа состанок со министерката за образование Мила Царовска, на кој соопштија дека веќе прават подготовки според здравствените протокли и реорганизација на наставата согласно со капацитетите на нивните училишни објекти,  што е нивна и надлежност на општините.

Директорот на ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, Перо Арсеновски, изјави дека нивното улилиште, кое е меѓу најголемите во земјава, е подготвено наставата да ја почне со физичко присуство на учениците до трето одделение. Тоа се вкупно 18 паралелки со по 30 ученици во паралелка и секоја ќе биде поделена во две групи со најмногу 20 деца. Онлајн-настава од нив сакаат да следат 15 до 20 отсто по паралелка. Имаат услови и за онлајн-настава за учениците од четврто до деветто одделение, наставниците се обучени, технички и просторно се опремени и сè е, рече, организирано и подготвено за да нема проблеми.

Настава со физичко присуство ќе има во ОУ „Лазо Трповски“ во Карпош, не само до трето одделение за кои е задолжително, туку и за погорните одделенија зашто имаат просторни можности. В.д. директорката Јовановска рече дека за родителите што ќе побараат онлајн-настава имаат обучени наставници за да има квалитетна настава.

Матилда Бајкова, директорка на ОУ „Аврам Писевски“ во село Бардовци со вкупно 250 ученици, изјави дека онлајн-настава ќе се организира само за ученици чии родители ја избрале, но дека 99 проценти од прво до трето одделение веќе се изјасниле за физичко присуство. И родителите на повозрасните деца, рече таа, сакаат настава со физичко присуство, имаат просторни услови и се подготвени согласно со протоколите.

Минатата недела Владата ги усвои протоколите за физичко присуство на учениците во основно и во средно образивание кои се доставени до сите училишта. Дополнително, вчера беше донесен и Планот како ќе се спроведува учебната година еден месец пред нејзиниот почеток на 1 октомври.

Според Царовска, целта била да се понуди колку што е можно покомбиниран модел кој ќе ги опфати сите и има две опции – физичко присуство на децата или онлајн-настава ако родителот не сака детето да биде во училница со други деца.  Ако немаат интернет-пристап или ИТ-уреди, а се работи, рече Царовска, за околу 10 отсто од сите ученици, материјалите ќе бидат отпечатени и наставникот ќе им ги доставува на родителите. Посочи дека се прават анализи за да почне набавка и во второто полугодие да се обезбедат ИТ-уреди за тие деца.