Правеле злоупотреба со издавање лиценци – кривична за експретседател на Стоматолошката комора и пет членови на нејзина комисија


Првопријавениот М. Д., пречекорувајќи ги своите службени овластувања, склучувал договори со непостојни здруженија за организирање настани за континуирано стручно усовршување, преку кои докторите по стоматологија стекнувале бодови потребни за обновување на лиценците.

Во координација со другите пријавени, членовите на комисијата Л. Е., К. З., А. Д. и Г. Ќ. Ч., како што се вели во соопштението од Финансиска, биле издавани решенија и склучувани договори за поголем број настани од пропишаното, со што била овозможена имотна корист за неколку здруженија
Финансиската полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје против поранешен претседател на Стоматолошката комора на Македонија и против претседателот и четворица членови на комисијата за стручни стоматолошки прашања, поради сомневање за злоупотреба на службената положба и овластувањето.

Како што информираат оттаму, пријавените се сомничат за неправилности поврзани со издавање, обновување, продолжување и одземање лиценци за работа на доктори по стоматологија, со што, како што се наведува, е остварена имотна корист за повеќе друштва во вкупен износ од околу 515 илјади евра.

Според пријавата, првопријавениот М. Д., пречекорувајќи ги своите службени овластувања, склучувал договори со непостојни здруженија за организирање настани за континуирано стручно усовршување, преку кои докторите по стоматологија стекнувале бодови потребни за обновување на лиценците.

„Воедно, првопријавениот бил основач, овластен потписник на банкарски сметки и еден од фактичките управители на ДДДММ – Друштво на докторите на дентална медицина на Македонија – Куманово, преку кое го изигрувал системот спротивно на Правилникот за континуирано стручно усовршување и Законот за здравствената заштита“, велат од Финансиска.

Во координација со другите пријавени, претседателот К. П. и членовите на комисијата Л. Е., К. З., А. Д. и Г. Ќ. Ч., како што се вели во соопштението од Финансиска, биле издавани решенија и склучувани договори за поголем број настани од пропишаното, со што била овозможена имотна корист за неколку здруженија.

Средствата од котизациите на докторите по стоматологија, според истрагата, биле исплаќани на сметки на ДДДММ, Македонското стоматолошко друштво и Стоматолошкото друштво на Албанците, при што дел од здруженијата не биле регистрирани како посебни правни лица.

Од Финансиската полиција наведуваат дека со овие дејствија е остварена имотна корист за наведените друштва во вкупен износ од 31.969.250 денари, односно околу 515 илјади евра.