Во Црна Гора наставата почнува на 1 октомври, дел од учениците во училиште, дел онлајн

Учениците кои оваа учебна година одат во првите шест одделенија од основното училиште и прв клас од средното училиште, ќе следат настава во училиште, додека другите ученици ќе следат настава преку Интернет, со консултации во училиште на секои две недели, објави Министерството за образование на Црна Гора.

Наставата треба да започне на 1 октомври.

Според усвоените протоколи, не смее да има повеќе од 15 ученици во училницата истовремено, само еден ученик може да седи во една училишна клупа и потребно е да се одржи физичко растојание од најмалку два метра.

Министерството соопшти дека часовите за учениците од основните училишта ќе бидат 30 минути, максимум четири часа, а за учениците од средните училишта, 30 минути најмногу шест часа.

Министерството додаде дека сита проверка на знаење, тестови, контролни и писмени задачи за сите ученици ќе бидат организирани исклучиво во училиштето, согласно мерките.

Сите ученици од средните стручни училишта од која било година ќе изведуваат вежби и практична настава во училиште или кај работодавачот, согласно мерките.

„Персоналот и учениците доаѓаат на училиште со маски на лицето, и се препорачува да имаат најмалку уште две маски за резерви. Носењето на визир се препорачува како подобрена мерка за луѓе кои имаат значителни коморбидни состојби и за оние кои не толерираат носење маски од медицински причини. За лица кои, од медицински причини, не можат да толерираат носење ниту маска ниту визир, можноста за заштита ќе се разгледува индивидуално за секој случај“, се вели во соопштението на црногорското Министерство.

Се додава дека ниту учениците, ниту наставниот персонал не доаѓаат во училиштето ако имаат симптоми на респираторна или цревна инфекција, треска, губење на чувство за мирис и/или вкус, како и лица на кои им е издадено решение за карантин или домашна изолација.

Како што е наведено, директорот на училиштето може да одлучи дека, доколку има просторни капацитети во училиштето и со почитување на мерките, може да се реализира настава со поголем број ученици, за што Министерството треба да информира.

Тие додаваат дека без оглед на тоа што некои ученици ќе посетуваат училиште, Министерството за образование им обезбеди на учениците од сите одделенија на основните и средните училишта снимен материјал за најголемиот број предмети, што ќе се емитува на ТВЦГ2 и МНЕ спорт од 1 октомври.