Во Брисел почнаа да вакцинираат и во супермаркети

БРИСЕЛ – Здравствените власти во Брисел во понеделникот почнаа да нудат вакцини против Ковид-19 во супермаркетите и трговските центри за да ги зголемат стапките на вакцинација во белгиската престолнина, кои не се во чекор со брзата инокулација во Белгија.
Домаќин на Европската унија и НАТО, Брисел вакцинираше околу 65% од неговото население, многу помалку од околните белгиски региони, главно затоа што луѓето не одговорија на барањата да одат во центрите за вакцинација.
„Навистина се обидуваме да ја донесеме, колку што е можно, вакцината до луѓето“, изјави Инге Невен, менаџерка за кризи одговорна за Ковид-19 во Брисел, за Ројтерс.
Белгија регистрираше 25.360 смртни случаи од корона вирусот и со тоа е во врвот во светот по глава на жител.
Невен рече дека Брисел е дом на 182 различни националности, што ја направи потешка работата луѓето да се охрабрат да одат во центри за вакцинација.
Во Брисел вакцинацијата е исто така помала во посиромашните населби, иако многу се на кратко пешачење од челичните и стаклените згради на ЕУ и предградијата населени со дипломати и службеници.
Еден купувач, која рече дека се вика Естер, изјави пунктовите за вакцинација во близина на супермаркетите ѝ помогнале да го надмине стравот од игла во раката.
„Не сакав, но се премислив“, рече таа.
„Порано не сакав затоа што се плашев, но сега видов други луѓе што го прават тоа и се чувствуваат подобро, луѓе во моето семејство, па решив да примам и јас“, додаде таа. (Ројтерс)