Во Битола не се знае ни кој е власт ни кој е опозиција
ВМРО-ДПМНЕ и официјално остана во малцинство во Советот. Неговата претседателка Габриела Илиевска ја прешалтува коалицијата – сега е со СДСМ
БИТОЛА – Граѓаните на Битола веќе се збунети, или што би рекле битолчани „шашардисани“ од локалната политика – не се знае кој е власт, а кој опозиција, кој работи, кој го кочи развојот на градот!? Како на филмска лента се менуваат коалициите во Советот на општината, па од еден во друг „скут“, советниците фаќаат нова „страна“. Така, неформалното мнозинство во Советот, од вчера стана формално.
Околу последните случувања во битолскиот Совет граѓаните на социјалните мрежи коментираат: „Избрани сте таму да гласате за доброто на Битола и битолчани, а не да прајте опструкции“, „ Се изналежавте уште една година во правење едно големо НИШТО… резил сте сите. Никој не треба глас да ви даде никогаш повеќе.“
После 23 години од манифестацијата „Избираме најуспешни битолчани“ локалниот весник „Битолски весник“, за првпат не додели признание за најуспешни политичари што според уредништвото на весникот „доволно зборува дека политичарите во Битола повеќе не се на цена“. Сега, велат од весникот, заради оваа нивна одлука забавата на „најуспешните“ поминала во најдобра атмосфера.
„Во Битола се потврдува, посебно во овој состав, едно правило – дека политичарите се единствено доследни во својата недоследност и дека боледуваат од ‘деменција’, оти забораваат кој, што и за кого кажал во изборната кампања и после во функционирањето на Советот. На почетокот кога се формираше Советот, кога Габриела Илиевска од ‘Поинаку’ отиде во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, координаторот на СДСМ, Методија Илиевски, изјави дека таа од лични причини влегла во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, за сега да биде во коалиција со СДСМ. Сега е прашањето – од кои причини ‘Поинаку’ влезе во коалиција со СДСМ?“, коментира Менде Младеновски, долгогодишен новинар и аналитичар на политичките состојби во Битола, за „Независен“.
Младеновски вели дека како новинар 40 години ја следи политичката сцена во градот ова му е несфатливо –„Како можат не само да разговараат, туку и да се гледаат во очи. Затоа Битола е таму кај што е. Ги шашардисаа битолчани. Сега за ‘Поинаку’ во Битола сѐ е поинаку. Воздухот е чист, нема загадување, нема кучиња бездомници…“
Вчера во Советот на Општина Битола не помина предлогот на ВМРО-ДПМНЕ на седница да се расправа за разрешување на претседателката на Советот, Габриела Илиевска, од независната советничка група „Поинаку“. За нејзина смена гласаа единствено 13 советници од ВМРО-ДПМНЕ, истите тие кои ја поставија за претседател. Мнозинството од 16 советници од СДСМ, „Поинаку“, ДОМ и ДУИ гласаа против, а двајца советници од Левица беа воздржани.
„СДСМ и ‘Поинаку’ пред извесно време тврдеа дека има огромен криминал во општината, а таквите тврдења со ништо не ги докажаа, за со изгласувањето на ребалансот на буџетот тие да станат ‘соучесници’ во криминалот“, вели Младеновски.
Новинарот Младеновски потсетува дека по локалните избори во 2021 година, независната советничка Габриела Илиевска, беше избрана за претседател на битолскиот Совет со поддршка на советниците од ВМРО-ДПМНЕ И Левица. Иако независните освоија само три мандати од вкупно 31, сепак беа клучни за формирање на мнозинство во Советот и кај двете партиски коалиции.
Тогаш Методија Илиевски од СДСМ независните советници ги нарече „тројански коњ“.
Вчера, откако не беше изгласана интерпелацијата за претседателката на Совет, истиот тој Методија Илиевски им се обрати на колегите од ВМРО-ДПМНЕ: „Ако вам ви е мака дека изгубивте сѐ во овој град, дека го изгубивте мнозинството во Советот, дека денес ќе ги изгубите претседателите на комисиите, дека утре ќе ги изгубите и членовите на управните одбори, мене не ми е мака“, рече советникот на СДСМ Илиевски.
Градоначалникот Тони Коњановски веднаш излезе на прес–конференција и кажа дека „официјално бевме сведоци на новата коалиција во Советот на општина Битола, составена од СДСМ и ‘Поинаку’. Советничката Габриела Илиевска продолжува да делува како продолжена рака на СДСМ, до скоро неодлучна во своите приоритети кои никако не одат во прилог кон остварување на потребата на граѓаните од кои што е изгласана“, кажа Коњановски.
Габриела Илиевска вчера возврати дека „во овој Совет нема да има опозиција и власт“.
„Не можам да ги коментирам политичките изјави на градоначалникот, бидејќи очигледно освен гола политика и гол популизам во изминатите две години не видовме ништо друго видливо ниту пак капитално. Во контекст на она што го нарекуваат деструктивност, во изминатите две години речиси 95 проценти од одлуките кои се донесени во Советот се едногласни и така ќе бидеме запаметени“, рече Илиевска.
„Поинаку“ беше во „прегратките“ на ВМРО-ДПМНЕ од крајот на 2021 година кога се конституираше Советот, до пролета 2023 година, а потоа заминаа велејќи дека се незадоволни од реализацијата на ветените проекти.
Коњановски, пак вели дека со поддршка од општинската администрација, изготвени се предлог програми кои не се популистички, туку реални потреби за 2024 година за продолжување на инфраструктурните проекти, поддршката на спортот, социјалната заштита, образованието, културата.
„Зад секоја кочница на реализацијата, одговорноста пред граѓаните, ќе мора да ја понесе новата коалиција на СДСМ и ‘Поинаку’ која повеќе од очигледно е долго време планирана па оттаму доаѓа и одговорот зошто проектите и општинската работа во континуитет се кочат“, обвини Коњановски.