Во случајот на Стевчо Јакимовски нема еднакви правила за сите, смета ЛДП


 

Либерално-демократската партија (ЛДП) вели довербата во правосудството и институциите се гради преку еднакви критериуми, правна сигурност и доследност во примената на принципите. И дека секоја правосилна судска одлука мора да се почитува и дека никој не смее да биде над законот.

Но го поставува прашањето дали за сите важат истите стандарди и го посочува примерот на поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, кој е правосилно осуден на една година затвор.

„Во случајот со Стевчо Јакимовски, јавноста со право го поставува прашањето: како е можно постапки за кои денес некој се осудува, истовремено да бидат претставувани од актуелната власт како пример за ‘ефикасност’, ‘надминување на административни блокади’ и ‘заштита на јавниот интерес’?

Пред неколку месеци актуелната власт предложи законски измени кои беа образложени како механизам за побрза реализација на објекти од јавен интерес и надминување на административните блокади. Според образложението, целта беше да се олесни изградбата на училишта, градинки, болници, амбуланти и други капитални проекти преку поедноставени процедури.

Затоа денес граѓаните со право бараат одговор на едно суштинско прашање: Ако заобиколувањето на одредени административни процедури е оправдано кога се повикува на јавен интерес, тогаш по кој принцип слични постапки во други случаи се третираат како криминал?“, велат од ЛДП.

Партијата не сака да навлегува во судски постапки и не пресудува наместо судовите. Но, смета дека државата има обврска да обезбеди јасни, предвидливи и еднакви правила за сите. Она што е недозволиво во еден случај не смее да биде претставено како доблест во друг.