Црна Гора со ракетна брзина кон ЕУ: Ги затвори поглавјата 2 и 28
Црна Гора привремено го затвори поглавјето 2 (Слобода на движење на работниците) и поглавјето 28 (Заштита на потрошувачите и здравјето), обете дел од Групата 2, на Меѓувладината конференција што се одржа вчера во Луксембург.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос, изјави дека Црна Гора напредува со голема брзина.
Според неа, затворањето на двете поглавја ги покажува опипливите придобивки од членството во ЕУ, вклучувајќи поголеми можности за граѓаните, полесен пристап до вработување и посилна заштита на потрошувачите и здравјето.
„Европската комисија има намера да одобри финансиски пакет за Црна Гора следната недела. Овој пакет ќе покаже како ќе го адаптираме буџетот за пристапување и ќе се подготвиме за 2028 година. Сега разговараме за реформите што претстојат. Напредокот е значаен, но мора да продолжиме да ги зајакнуваме столбовите на секоја успешна држава – владеењето на правото, слободата на медиумите и демократските институции“, рече Кос.
Таа нагласи дека е потребно процесот на пристапување да ги надмине партиските линии и да се третира како национален приоритет. Кос додаде дека сите политички лидери мора да продолжат да работат заедно и да најдат заедничка основа околу агендата на ЕУ.
Премиерот на Црна Гора, Милојко Спаиќ, изјави дека земјата останува посветена на преминување на целта со истата решителност што ја покажа досега. Тој рече дека секое затворено поглавје е опиплив доказ дека проширувањето функционира кога се здружуваат посветеноста, реформите и политичката волја.
„Убедени сме дека преку нашиот пример внесовме многу потребен оптимизам и доверба во неоспорливиот потенцијал на политиката на проширување, која ќе послужи како камен-темелник на нова перспектива за Западен Балкан и уште пообединета Европа“, рече Спајиќ.
Според него, Црна Гора веќе затворила речиси половина од преговарачките поглавја, покажувајќи го темпото со кое земјата напредува.
„Црна Гора ниту одложува, ниту импровизира. Таа го држи својот збор и испорачува резултати. Затоа нашиот план е исто толку реалистичен колку што е амбициозен. До крајот на оваа година, ќе ги затвориме сите преостанати поглавја и ќе го отвориме патот Црна Гора да стане 28. земја-членка на ЕУ во 2028 година“, рече Спајиќ.
Заменичката министерка за европски прашања на Република Кипар, Марилена Рауна, изјави дека Црна Гора може да смета на поддршката од нејзината земја до последниот ден од процесот на пристапување. „Ова е порака до сите партнери за проширување дека посветеноста и напорната работа даваат резултати“, рече таа.