ВМРО-Народна партија контра ВМРО-ДПМНЕ – ќе „трча“ со свој кандидат за градоначалник во Тетово

ВМРО-Народна партија, предводена од поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, најави самостоен настап на локалните избори во Општина Тетово што ќе се одржат во октомври. Од партијата информираат дека ќе учествуваат со своја советничка листа и ќе настапат со кандидат за градоначалник.
Во официјалното соопштение се наведува дека ВМРО-НП ќе промовира кандидат со „обединувачки капацитет и визија за модерно Тетово“.
„Им порачуваме на сите Македонци и останатите граѓани на Тетово дека во ВМРО-НП секогаш ќе имаат партнер од доверба кој нема да ги изневери интересите на македонскиот народ во овој дел од Македонија,“ стои во соопштението на партијата.
Дополнително, беше испратена директна порака до актуелниот градоначалник Билал Касами: „Тетово секогаш бил и ќе остане македонски град.“
Партијата најави дека по официјалното распишување на изборите ќе организира свечена промоција на својот кандидат за градоначалник и советничката листа за Советот на Општината.
Од друга страна, актуелниот градоначалник Билал Касами, воедно и лидер на партијата Движење Беса, која е дел од владејачката коалиција ВЛЕН, веќе ја потврди својата кандидатура за втор мандат.
Одлуката на најголемите македонски партии – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – да не излезат со сопствени кандидати за градоначалник на Тетово предизвика реакции во јавноста. Сојузот на борци од НОАВМ и граѓани продолжувачи од Тетово ја изразија својата длабока загриженост, оценувајќи дека станува збор за сериозно занемарување на интересите на македонскиот народ во овој дел од државата.