ВМРО-ДПМНЕ ја фрли топката во дворот на Џафери, можни ли се избори во јули?


За разлика од минатиот месец кога тврдеа дека распуштениот парламент нема мандат да се состане повторни, опозиционерите сега сметаат дека спикерот има мандат да одреди нов изборен датум

 

На 20 октомври минатата година, лидерите на парламентарните партии се собраа во претседателската вила и за неполни два час договорија предвремени парламентарни избори на 12 април, во атмосфера на разочарување поради недобивањето на почеток за преговори на земјата со ЕУ. И тогаш имаше дилеми дали изборите да се одржат уште во декември, како што предлагаше тогашниот премиер Зоран Заев или можеби во март… па, како да се избегнат избори за Велигден или во период на рамазанските пости… Сепак, изборниот датум беше утврден мошне брзо и со консензус.

Оттогаш поминаа седум месеци, во кои Северна Македонија доби одлука за преговори со ЕУ и стана членка на НАТО. Во јануари беше избрана техничката влада, а во февруари беше распуштен парламентот, за во март изборите да бидат ставени на чекање поради кризата со корона вирусот.  Во април, Велигден помина во карантин, а овој викенд во карантин, веројатно,  ќе помине и Рамазан Бајрам… Само останува неизвесен новиот датум за одржување на изборите.

За разлика од лидерската средба во октомври, овој месец ниту две лидерски средби од по неколку часа не беа доволни за партиските лидери да договорат нов термин за гласање. И додека од СДСМ доаѓаат најави дека партијата е подготвена да оди на избори на 21 јуни, доколку не се постигне консензус со опозицијата и ако нема ново продолжување на вонредната состојба, ВМРО-ДПМНЕ ја враќа топката за изборниот датум кај претседателот на парламентот Талат Џафери.

Сепак, наспроти цврстите и дијаметрално спротивни ставови што доминираа кај ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по втората лидерска средба, од синоќа и од двете партии пристигнуваат најави дека се отворени за нови преговори за евентуално да се постигне договор.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, повтори синоќа на Канал 5 дека датумот за избори не може да се реши со уредба на Владата, туку дека единстен кој може да утврди датум за избори е претседателот на Собранието, а тоа, како што нагласи, нема да се случи ако нема консензус. Сепак, Јанушев овој пат остави простор за нова лидерска средба за да се постигне договор за  изборите, за кои посочува дека е невозможно да бидат во јуни затоа што, како што рече, рокот од 60 дена за одржување на изборите е истечен.

Дека, сепак, е можна нова лидерска потврди и лидерот на СДСМ. Во интервју за ТВ Стар, Заев  посочи дека датумот за гласање треба да се утврди до крајот на оваа седмица или во почетокот на следната, односно додека трае вонредната состојба, затоа што, како што наведе, потоа ќе биде доцна, целејќи на тоа дека по 30 мај би почнале да течат 22 дена предвидени со владината Уредба за одржување на изборите по завршување на вонредната состојба.

Според некои неофицијални информации неколкумина влијателни амбасадори дискретно се обидуваат да го стопат мразот меѓу двете најголеми партии и да се дојде до термин за избори кој не би претставувал „пораз“ за никого. Изјавата на американската амбасадорка Кејт Брнз за „360 степени“: „Ние не предвидуваме нова политичка криза“ и дека на земјата ѝ е потребна „овластена влада и функционален парламент“ – ја отслуква загриженоста на најважниот партнер на Македонија во НАТО. Особено не по пишувањето на познатиот американскиот магазин за надворешна политика „Форин полиси“ дека Русија ќе се обиде да го поткопа НАТО преку Македонија. Играта не е толку едноставна и влогот не е само здравјето на граѓаните, како што од цел глас зборуваат сите политичари. Политичката криза би отворила нови проблеми во регионот покрај епидемијата на корона вирусот во пресрет на заедничкиот одговор за отворање на земјите и на границите.

Но сигналите што доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ околу тоа кој треба да го одреди терминот за гласање упатуваат на можни нови несогласувања, овој пат и за начинот на кој би се извело утврдувањето на новиот изборен термин. Односно, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека тоа треба да го направи Џафери, со нова одлука за распишување избори, што, според познавачите, би можело да доведе до враќање на изборниот процес од почеток, со оглед на тоа што роковите за спроведување на изборните дејствија почнуваат да течат од денот на распишување на изборите. Тоа, веројатно, беше и интенцијата на претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, кој тврдеше дека се потребни од 50 до 60 дена за завршување на изборите, иако до 21 март поминаа 33 дена од распишувањето на изборите на 16 февруари.

Од друга страна, пред  неколку седмици, ВМРО-ДПМНЕ силно се противеше на иницијативата на СДСМ до спикерот Џафери да го свика распуштениот парламент, со цел да бидат потврдени  одлуките на претседателот Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба. За разлика од тогаш, ВМРО-ДПМНЕ сега излегува со став дека претседателот на распуштениот парламент има мандат да го утврди новиот изборен датум, иако, во меѓувреме, и Уставниот суд ја потврди намерата да не ја оценува уставноста на Одлуката за распуштање на парламентот.

Уставниот суд исто така ја потврди и владината Уредба за изборниот процес, која за СДСМ е основата според која треба да се утврди новиот изборен датум – 22 дена по завршувањето на вонредната состојба. Односно, ако вонредната состојба заврши на 30 мај, изборите би требало да се одржат на 21 јуни, освен ако не се постигне поинаков договор меѓу политичките партии, така што би се одело на промени на одредени рокови во владината Уредба.

Но за ВМРО-ДПМНЕ не се прифатливи избори следниот месец – ниту на 21, ниту на 28 јуни. Под прашалник е и месец јули, ако се има предвид дека лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски пред извесно време тврдеше дека  во првата половина на јули е можно да се создадат услови за одржување на изборите, за набрзо потоа, на лидерската средба во понеделникот, да настапи со предлог изборите да се одржат дури на 13 септември или евентуално во втората половина на август. (Н.В.)