Млади истражувачи од Кавадарци и Вардарски регион со награди на натпревар за креативни проекти
„Тајниот крст од потопеното село“, инспириран од Тиквешкото Езеро и подводната археологија, е само еден од проектите со кои млади истражувачи од Кавадарци и Вардарски регион освоија награди на натпревар за креативни проекти, информираше денеска наставничката Зорица Милкова, ментор на неколку групи ученици од Кавадарци, Неготино и Градско.
– Се работи за таканаречени STEM истражувачи, ученици на возраст од 6 до 11 години од повеќе основни училишта. Станува збор за вкупно 25 ученици, распределени во четири тима. Ова беше нивно прво учество на еден ваков натпревар. Работиме според глобална едукативна програма што ги поттикнува најмладите ученици да размислуваат како истражувачи, научници и креатори. Годинешната тема беше насочена кон откривање на минатото, при што учениците истражуваа како археолозите ги пронаоѓаат, анализираат и толкуваат артефактите – појасни Милкова.

Секој тим изработил модел, постер и презентација, при што учениците ги демонстрирале своите истражувачки способности, креативност, комуникациски вештини и тимска работа.
Милкова истакна дека ваквите активности имаат исклучително значење за развојот на критичко размислување, креативност и љубопитност кај учениците, како и за нивно рано запознавање со научниот пристап и современите технологии.

– Овој успех е резултат на посветена работа, љубопитност и искрена желба на децата да истражуваат. Особено сме горди што ова е наше прво учество, а веќе покажавме дека можеме да создадеме квалитетни и значајни проекти – истакна Милкова.

Таа подвлече дека овој резултат претставува значаен чекор во развојот на STEM образованието во регионот и доказ дека кога на децата ќе им се даде можност да истражуваат и создаваат, тие можат да постигнат извонредни резултати.