ВМРО-ДПМНЕ го осуди говорот на министерката за надворешни работи на Бугарија
ВМРО-ДПМНЕ го осуди говорот на министерката за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова Чамова.
-ВМРО-ДПМНЕ јасно и недвосмислено го осудува говорот на министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова Чамова, во кој вели ,,северномакедонски”.Во контекст на изјавата, министерката Петрова Чамова, го искористи поимот ,,северномакедонски” за означување на македонскиот народ, а тоа е неточно и несоодветно.Во Македонија живеат Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми, Бошњаци, но Северномакедонци нема.
Повикуваме на разумност и внимателност во говорите на бугарските политичари, за да не можат истите да бидат искористени за политички цели.
Воедно, ги повикуваме и останатите политички партии да го осудат овој говор на министерката Петрова Чамова, со цел давање јасен став дека идентитетот не е предмет на разговори, преговори и договори, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во ист контекст ВМРО-ДПМНЕ претходно ја осуди и СДСМ, а темата се покажа како добар повод за ново партиско препукување и дома.
Пена му фати устата на Филипче од бранење на бугарските позиции, односно велеше Бугарија не го негира македонскиот идентитет, туку дека тоа е лага на ВМРО-ДПМНЕ.
-Стигна брз демант од новоформираната влада на Радев, поточно од министерката за надворешни работи која не окарактеризира како ,,северномакедонци”. За тоа време, од македонската опозиција предводена од војникот на Румен Радев – молк!Филипче кој од петни жили ги брани бугарските позиции на Радев, молчи кога го нарекуваат северномакедонец. Тоа е таа мекотелна политика на СДС, Заев и Филипче.
Доколку тие се на власт, ќе го променат и идентитетот, јазикот, историјата и културата.Со овој однос на Филипче и СДС, јасно станува дека тие немаат проблем Гоце Делчев да е Бугарин, Илинденското востание да е бугарско, Крсте Петков Мисирков да е Бугарин, и секако немаат проблем Македонија да стане Бугарска провинција.Ваквите политики на коленичење и виткање кичма пред оние кои ве негираат ги доведе до овој стадиум, четврта политичка партија со рејтинг сличен на статистичка грешка, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ, користејќи ја изјавата на бугарската министерка за нова празна партиска реторика.
Инаку, веќе подолг период е видлива тенденцијата во Бугарија за навредливо обраќање кон нашиот народ и држава, при што освен „северномакедонци“ за народот ( во смисла како ново креирана нација) се користи и терминот омилен во Грција за државата – Скопје, а од кај нас се возвраќа со „источен сосед“ како што еден период ја „негиравме“ Грција како држава нарекувајќи ја „ нашиот јужен сосед“.