Новата бугарска министерка не нарече „северномакедонци“, Муцунски ја корегира
Иако само два дена е на функцијата, новата министерка за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова-Чамова, веќе ги крена тензиите со Македонија нарекувајќи го македонскиот народ „северномакедонски“ и праќајќи пораки што треба да направиме за да ги продолжиме преговорите со ЕУ. Иако беа на ист состанок во Брисел, Чамова и Муцунски комуницираа со соопштенија, објаснувајќи се притоа имало или не заедничка средба или само застанување во кулоарите на Европскиот совет.
-Користењето на терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци. Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на идентитетот и достоинството на еден народ. Во дипломатијата прецизноста не е формалност, туку одраз на почит, и порача Муцуински доцна синоча на бугарската министерка.
Во изјавата од Брисел, шефицата на бугарската дипломатија порача:
„Имавме добра прва средба со министерот за надворешни работи на Македонија. Бугарија има јасно изразен став, кој од 2022 година натаму повеќе не е билатерално прашање, туку прашање на дискусија меѓу Европската Унија и земјата кандидат. Денеска овој став беше потврден и мило е што за него имаме широк политички консензус во Бугарија. Им го кажав ова и на нашите северномакедонски партнери. Очекуваме активности од нивна страна кои ќе покажат дека имаат целосна политичка подготвеност да продолжат напред по својот европски пат.“
Во реакцијата на изјавата на Петрова-Чамова, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски рече дека тие денеска немале официјална билатерална средба туку, како што вели, кратка размена на зборови на маргинален настан, во присуство на повеќе колеги.
„Ако едноминутен разговор се нарекува ‘средба’, тогаш денес навистина имавме многу ‘средби’. А, како што ѝ кажав на Весислава, се надевам дека наскоро навистина ќе одржиме средба – во пријателска и позитивна атмосфера, насочена кон градење добрососедски односи и нашата заедничка европска иднина“,
пишува Муцунски во објава на Фејсбук.