Власта ја губи власта во собраниска комисија


Соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Беса, за која се шепотеше уште при формирањето на партијата на Билал Касами, a потоа и во контекст на настаните на 27 април 2017 година, две години подоцна им се удира од глава на владејачките СДСМ и ДУИ. Пратениците на двете опозициски партии вчера здружено им покажаа „мускули“ на владејачките пратеници во собраниската Комисија за избори и именувања. За таа цел беше искористен одлучувачкиот глас на пратеникот Фадил Зендели од Беса, како и фактот дека Илија Димовски, веројатно, е прв опозициски пратеник што добил шанса да биде на чело на собраниското тело преку кое, практично, се водат кадровските политики на законодавниот дом.
Иако во изминатите две години ВМРО-ДПМНЕ падна од 51 на 38 пратеници, а владејачкото мнозинство се прошири од 62 на 67 пратеници, главната опозициска партија и натаму ја предводи Комисијата за избори и именувања. Беса, пак, која во 2016 година освои пет мандати на изборите сега има тројца пратеници, додека другите двајца преминаа во Алтернатива на Африм Гаши која сега е дел од парламентарното мнозинство. Пратеникот Зендели, иако цело време е во опозиција, во изминатиот период најчесто гласаше во прилог на владејачкото мнозинство во Комисијата за избори и именувања. Но вчера неговиот глас беше одлучувачки во корист на ВМРО-ДПМНЕ, која е застапена со шест членови во Комисијата, колку што имаат заедно и СДСМ и ДУИ. Пред десетина дена, пак, имаше средба меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Беса, која се реализираше во тајминг кога требаше да се одржи лидерската средба во Клубот на пратеници што ја закажа премиерот Зоран Заев, но беше откажана поради ставот на Христијан Мицкоски дека може да разговара единствено за предвремени избори.
Поради надгласувањето од опозицијата, во почетокот на вчерашната комисиска седница не успејаа првичните обиди на владејачките пратеници за одложување на седницата на која на крај се гласаше само за четири од вкупно 16 точки. Односно, на вчерашната седница беа прифатени предлозите пратеничката Соња Мираковска од НСДП да дојде на чело на Делегацијата во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација на местото на Горан Милевски од ЛДП кој стана министер за локална самоуправа, а Александар Спасов да го заземе местото на Иванка Додевска како претставник на шефот на државата во Националниот совет за евроинтеграции. Исто така беа утврдени и листите на кандидати на јавни конкурси за избор на членови на Советот на АВМУ и на Програмскиот совет на МРТ.
За утре е закажано продолжение на седницата, а во меѓувреме дојдоа неофицијални најави за преговори меѓу СДСМ и ДУИ за да се најде модус како да се спречи блокада на работата на Комисијата за избори и именувања. Пратеници од мнозинството како крајна опција не исклучуваат и смена на Димовски од претседателското место, при што се посочува дека преку ова собраниско тело во изминатиот период се кочеше и одолговлекуваше изборот на актуелниот состав на ДИК, пред одржувањето на референдумот, а потоа и на новиот состав на Антикорупциската комисија. Последните денови, Димовски беше често опоменуван од СДСМ и дека ја кочи процедурата за избор на новите раководни тела на МРТи на АВМУ.
На утрешното продолжение на седницата на Комисијата за избори и именувања треба да се утврдат предлози за избор на нови функционери во повеќе институции како Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, Агенцијата за квалитет во високото образование, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Советот на јавни обвинители, Комисијата за заштита од дискриминација… Ако остане ваквиот распоред на сили, теоретски е можно опозицијата да достави до парламентот свои предлози за челници на овие институции, кои потоа не би биле избрани на пленарна седница, со оглед на тоа што СДСМ и ДУИ го контролираат парламентарното мнозинство.
Димовски дојде на чело на Комисијата за избори и именувања во март 2017 година, кога СДСМ и ДУИ се обидуваа да ја деблокираат конститутивната седница на овој пратенички состав за Талат Џафери да биде избран за спикер и да почне постапката за избор на новата влада. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ, подготвувајќи се за заминување во опозиција, избоксува да го добие челното место во ова собраниско тело, со аргументација дека има освоено најмногу пратенички места на изборите во 2016 година. Иако социјалдемократите и тогаш тврдеа дека е нелогично опозиција да претседава со оваа Комисијата, на крајот попуштија поради тоа што токму од ова тело требаше да произлезе предлогот за нов претседател на парламентот. Така беше деблокирана и конститутивната седница, кој беше отворена цели четири месеци, а чие финале беа насилствата на 27 април. Од тој неславен датум за Собранието останаа дилемите дали беше сценарио тоа што пратеник на Беса среде седница ја пееше албанската химна како провокација за протестантите пред парламентот и како пратениците од оваа партија заминаа од парламентот пред да кулминираат насилствата, во кои, инаку, најмногу настрада Зијадин Села од Алијансата за Албанците. Партијата на Села, во меѓувреме, се пресели во опозиција и сега има еден пратеник повеќе по оставката на Весел Мемеди од НДП и од пратеничкото и од потпретседателското место во парламентот. Тоа претставува нова главоболка за парламентарното мнозинство, затоа што ако новата пратеничка на Алијансата Арта Точи ги преземе позициите во комисиите што ги имаше Весели како претставник на власта, тогаш не е исклучено ново пореметување на распоредот на сили во собраниските тела.
Александра М. Митевска