„Владимире, запри“: Трамп го критикува рускиот напад на Киев

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „не е среќен“ од рускиот воен напад врз Киев, кој се случи ноќта на 24 април и беше најуништувачки од јули 2024 година, кога Русија го нападна украинскиот главен град со десетици проектили, при што загинаа 34 лица, меѓу кои и деца во болницата „Охмаде“т.
„Не сум задоволен од руските напади врз Киев. Тие се непотребни и многу ненавремени. Владимире, запри!“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social и повторно повика на мировен договор. Според него, секоја недела на фронтот во Украина умираат пет илјади војници.
Руските вооружени сили синоќа ја нападнаа територијата на Украина со помош на крстосувачки и балистички ракети, како и јуришни дронови. Во главниот град на земјата, според последните податоци, загинаа најмалку девет лица, меѓу кои две деца, а уште околу 90 се повредени.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека Русија истрелала околу 70 проектили и речиси 150 дронови. „Поминаа 44 дена откако Украина се согласи на целосен прекин на огнот. Тоа беше предлог од САД. Четириесет и четири дена откако Русија продолжува да убива луѓе“, напиша тој на својот канал Телеграм.
Претходно Трамп изјави дека Москва, која сама во април изврши три големи напади врз Украина со голем број жртви, е подготвена да склучи мировен договор. Сега, според него, потребно е да се договори за склучување мир со Киев. „Мислам дека Русија е подготвена. Мислам дека имаме договор со Русија. Треба да се договориме со Зеленски. Мислев дека ќе биде полесно со Зеленски. Досега е малку потешко, но тоа е во ред“, рече Трамп за време на разговорот со новинарите во Овалната соба. Претходно шефот на Белата куќа го обвини Зеленски за нарушување на мировните преговори поради неговата изјава за неможноста да се признае Крим како руски.