Владата фокусирана на спроведување безбеден попис, опозицијата бара да се одложи


Пописот 2021 ќе се спроведе, а гаранција за тоа се строгите протоколи. Надлежните порачуваат дека граѓаните и попишувачите ќе бидат безбедни, и оти целиот фокус на Владата е во таа насока. Од опозицијата сметаат дека пописот сега ќе биде кобен за граѓаните, и бараат да се одложи за септември.

Владата ги следи препораките на Комисијата за заразни болести, а успехот на Пописот го гарантираат методологијата и здравствените протоколи, беше дециден вчера владиниот портпарол, Душко Арсовски, кој рече дека сите капацитети се насочени токму кон спроведување на пописот.

Според надлежните, пописот е неопходен и е од највисок интерес за државата. Како што изјави Арсовски, методологијата е дефинирана според сите стандарди на ОН и на Евростат и гарантира успешност. Институциите, додаде тој, имаат капацитет и гарантираат спроведување на пописот согласно сите здравствени протоколи во услови на пандемија и граѓаните ќе бидат заштитени

Инаку, првата фаза од Пописот, во која беа опфатени вработените од Дипломатско-конзуларните претставништва, припадниците на АРМ во странство, затворениците и бездомниците, е успешно завршена.

Самопопишувањето на дијаспората продолжува и се одвива без проблеми. Отстранети се сите технички проблеми, тврдат портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа.

Досега се попишани над 82 илјади наши сограѓани од странство. Најмногу од Швајцарија – 26 илјади, Германија – 19 илјади и Италија со над десет илјади самопопишани граѓани.

Пописот се одвива успешно во воспитно поправните домови и затворите.

– Се помина успешно и од Управата за спроведување на санкции не е пријавено дека некое лице се заболело од корона вирусот за време на попишувањето. Нешто што потврдува дека здравствените протоколи функционираат на терен, порача претставникот на Министерството за правда Александар Видиновски.

Тој информираше дека се попишани и бездомните лица во повеќето шелтер центри низ државата, исто така и припадниците на АРМ кои се на мисија во странство и оние кои за време на пописот нема да бидат во своите домови, односно ќе бидат во касарните.

– Во ниту еден затвор не се појавија нови заразени со коронавирусот, како последица на попишувањето. Попишувањето се одвиваше во затворени простории и можевме да видиме дека здравствените протоколи добро функционираат, додаде Видиновски.

Исто така, завршија обуките на државните инструктори, кои заедно со комисиите на пописните региони ќе го организираат тестирањето на кандидатите кои се пријавуваат на дополнителниот Конкурс за попишувачи, кој е отворен до денеска.

Попишувачите ќе имаат можност да заработат хонорар и до 35 илјади денари и ќе бидат на терен од 1 до 21 април годинва. Најголем од досега пријавените се студенти и невработени.

Од Државниот завод за статистика се сигурни дека ќе го имаат потребниот број попишувачи и оти ќе можат со полн капацитет да ги почнат пописните активности на 1 април.

Третиот дополнителен повик за попишувачи е во тек, и од ДЗС сметаат дека до сабота вечер, додека е отворен повикот, ќе го имаат потребниот број попишувачи.

-Треба да напоменам дека уште на првиот повик за попишувачи ние го имавме потребниот број на попишувачи и реонски инструктори но овие дополнителни повици за попишувачи се заради рамноправна распределба на попишувачите по реони и со почитување на правичната застапеност на сите етнички заедници и поради тоа што одреден број пријавени на првиот и вториот конкурс не се пријавија на тестирањето па ја користам можноста да ги повикам сите оние кои не се појавија на тестирање ќе имаат можност и сега да учествуваат на тестирањето, рече вчера Јасмина Георгиева од ДЗС.

За оние лица кои се болни или пак во изолација, пописни податоци ќе даваат членови на нивните семејства.

Заводот за статистика од следната недела на дневна основа ќе почне да добива податоци за лицата заболени од Ковид-19, со што ќе има информации за временската рамка во која тие се наоѓаат во изолација.

– Доколку се најде некој „прозорец“ во кој може да се попише лицето додека трае пописот, ќе го направиме тоа. Во спротивно, доколку во целиот период на спроведувањето на пописот лицето е во изолација, ќе се обидеме да стапиме во контакт со него и да видиме кои членови на неговото домаќинство или семејство можат да дадат податоци за тоа лице, изјави Георгиева.

Исто така, од Владата сметаат дека се многу мали можностите за измама при попишување на блиските во странство.

Според надлежните, луѓето што ги попишуваат своите блиски кои се во странство ќе гарантираат со својот матичен број за сите податоци што ќе ги дадат за нив.

Што се однесува до новодијагностицирани лица со Ковид-19 по општините, ДЗС ќе добива податоци за нов на дневна основа.

Поточно, во соработка со Министерството за здравство преку Мој термин, ќе ги добиваат на дневна основа сите новодијагностицирани случаи по општини, и потоа ќе се планира начинот на нивно попишување, односно периодот во кој тие ќе бидат во изолација, кога излегуваат од изолација, каде живеат и како да се организира нивното попишување.

Според протоколот, секој попишувач ќе има обврска пред влегувањето во секое домаќинство да се дезинфицира.

Тоа значи дека треба да стави маска, да ги дезинфицира рацете и лаптопот и потоа да влезе во домаќинство.

За можноста за одложување на пописот поради растот на бројот на новозаразени, Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика, укажа дека ДЗС не е тој што може да побара или да даде препорака за тоа и дека работи по утврден план и протоколи донесени од Владата.

– Се додека не се донесе  некоја поинаква одлука ние ќе ги почитуваме постоечките рокови, кои ни се зададени. ДЗС не е тој кој треба да побара одложување, сепак има надлежни инстанци кои ја оценуваат генерално состојбата во државата, изјави Ѓоргиева.

До евентуално одложување на пописот може да дојде само доколку за тоа даде препорака Комисијата за заразни болести, таквата одлука не е во делокруг на Државниот завод за статистика, кој во моментов се раководи според постоечкиот оперативен план. Ова претходно за МИА го изјави директорот на ДЗС, Апостол Симовски.

-Оваа одлука не е на Државниот завод за статистика. Доколку Комисијата за заразни болести оцени дека состојбата е таква и им препорача на Кризниот штаб и Владата и се донесат соодветни одлуки за одложување на пописот, ние ќе ги почитувани сите донесени одлуки. Засега се раководиме според постоечкиот оперативен план, истакна Симовски за МИА.

Вчера премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил ја повика дијаспората да се самопопише.

Тој потенцираше дека повеќе од 82 000 наши државјани од дијаспората ја искористиле можноста да се самопопишат со што, според премиерот, придонесуваат во креирањето поквалитетни политики за подобра иднина на татковината.

– Ги повикувам сите од нашата дијаспора, од сите краеви на светот, да се приклучат кон овој патриотски чин и да помогнат да добиеме јасна слика за нашите луѓе во странство. Mакедонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите други без разлика на етникумот, сите кои имате македонско државјанство, попишете се!, напиша Заев на Фејсбук. 

Според премиерот, преку пописот ќе знаеме како да ги подобриме услугите на дипломатско-конзуларните претставништва, но и ќе можеме да го искористиме потенцијалот на дијаспората за развојот на државата и за промоција на земјата во светот. 

– Самопопишувањето е многу едноставно, а личните податоци се целосно и најстрого заштитени, вели претседателот на Владата.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека пописот во април ќе значи нови 2000 смртни случаи. Тие бараат пописот да се одложи за во есен.

-СДСМ го жртвува здравјето на народот. Попис во април ќе значи нови над 2.000 смртни случаи. Заев не успеа да набави вакцини, не се имунизирани ни лекарите во целост, а не пак попишувачите, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие сметаат дека попис без завршена имунизација е кобен за граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ предлага попис на есен, бидејќи сметаат дека дури тогаш би се спровела имунизација и ќе се заштитат животите на луѓето.

-Попис по секоја цена е смрт за народот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Процесот на самопишување преку онлајн апликацијата почна на 1 март и ќе трае до 21 април. Преку апликацијата се попишуваат македонските државјани кои престојуваат во странство, поради работа или други лични причини, до и подолго од 12 месеци.

Од 1 март до 15 март се попишуваа и вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и членовите на нивните семејства кои престојуваат со нив во странство, македонските државјани на работа во Обединетите нации и нејзините организации, претставништва или претставници на стопанските комори во странство, деловните единици во странство, воени претставници на Армијата на Република Северна Македонија во странство и граѓаните што се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, како и членовите на нивните семејства/ домаќинствата што престојуваат во странство со наведените лица како и сите лица – државјани на Република Северна Македонија кои по која било основа престојуваат во странство, без оглед на должината на нивниот престој.

Пописот на населението во земјава ќе се спроведува од 1 до 21 април 2021 година.