Влада Урошевиќ е добитник на „Златен венец“ на СВП за 2023

Ирскиот поет Гевин Бредли со неговата стихозбирка „Страв од разделба“ е годинешниот добитник на наградата „Мостови на Струга“


Фото: Б. Грданоски

Академик Влада Урошевиќ (1934, Скопје), македонски поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар, и преведувач е добитник на годинешниот „Златен венец“ на СВП за 2023, објави претседателката на Управниот одбор на манифестацијата, Елизабета Шелева при денешното прогласување на лауреатите во НУБ „Климент Охридски“.

Ирскиот поет Гевин Бредли со неговата стихозбирка „Страв од разделба“ е годинешниот добитник на наградата „Мостови на Струга“ – меѓународна награда што ја доделува фестивалот „Струшките вечери на поезијата“ заедно со УНЕСКО, за најдобра дебитанска поетска книга во светот. 

Фото: Б. Грданоски

Добитниците на наградите беа прогласени на денешниот настан организиран од НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Македонскиот ПЕН Центар, Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ што се одржа во просториите на библиотеката, по повод 21 Март – Светскиот ден на поезијата и јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, и тоа во истиот период со свеченото прогласување на лаураетите на СВП во седиштето на УНЕСКО во Париз, во рамки на програмата на меѓународниот симпозиум во чест на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов.

Многубројна публика од културната фела дојдоа во НУБ „Св. Климет Охридски“/ Фото: Б. Грданоски

За Шелева, името на Влада Урошевиќ е синоним за страствен вљубеник во писмото, искрено посветен на заводливата магија на книжевното создавање и наспроти сите искушенија на современието, непоколебливо верен на словото.

– Подготвен со леснотија да се испроба и творечки да се покаже во најразновидни жанровски облици и експерименти со речиси рамномерен удел во сите нив, Урошевиќ остана продуктивен и витален. Неговото писмо има свој препознатлив печат и ако случајно не е посочен авторот на овие записи, речиси со сигурност ќе го погодиме неговото име, додаде Шелева.

Според неа, Урошевиќ остана доследен и не само во нашата литература, препознатлив по креативниот спој на фантастиката и надреализмот што ги негува во своите бројни авторски записи, но и во неуморните читатлски авантури, проткаени со истражувачко љубопитство и траен афенитет кон овие две сродни области.

– Подготвен со леснотија да се испроба и творечки да се покаже во најразновидни жанровски облици и експерименти со речиси рамномерен удел во сите нив, Урошевиќ остана продуктивен и витален. Неговото писмо има свој препознатлив печат и ако случајно не е посочен авторот на овие записи, речиси со сигурност ќе го погодиме неговото име, додаде Шелева.

Почнувајќи од „Еден друг град“ (1959), Урошевиќ објавил десет збирки поезија. Меѓу неговите прозни дела има шест збирки раскази, пет романи, три книги записи и патописи. Има две книги за фантастиката во литературата, како и две книги за фантастиката во сликарството. Помеѓу антологиите што ги составил се изделуваат: „Црниот бик на летото“ (1963), избор од поезијата на помладата генерација македонски поети, „Црна кула“ (1976), антологија на фантастичниот расказ во литературите на некогашната Југославија и „Големата авантура“ (1993), антологија на францускиот надреализам.

Неговата дејност како преведувач на поетски дела е свртена, пред сè, кон француската поезија. Ги препеал на македонски „Цвеќињата на злото“ на Ш. Бодлер, како и изборите од поезијата на А. Рембо, Г. Аполинер, П. Елијар, А. Бретон, А. Мишо, Ж. Превер.

Влада Урошевиќ е единствен македонски поет што ја добил трипати наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на „Струшките вечери на поезијата“. За својот книжевен опус, именуван е од Владата на Република Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот ред. Книгите на Влада Урошевиќ се преведени на повеќе јазици: англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, француски и шпански јазик.

Урошевиќ, за романот  „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ , минатата недела во Скопје ја доби наградата „Роман на годината“ за 2022, која што ја доделува  Фондацијата „Славко Јаневски“, а чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје.

Гевин Бредли е ирски поет, кој од 2012 година се сели и живее и пишува во Канада, каде што работи како помлад предавач по палеонтологија на Универзитетот на Алберта. Бил објавуван на двете страни на Атлантикот, а неговата поезија била вклучена и во Антеологијата на најдобри британски и ирски поети во интервалот меѓу 2019 и 2021 година.