Влада: Се оневозможува неправедно прекинување на работниот однос


Работодавачите кои ќе користат финансиска поддршка за исплата на плати не смеат да го намалат бројот на вработени во април, како и два месеца по завршување на мерката, односно заклучно со јули.

Ова е измената на Уредбата за финансиска поддршка за плати што Владата ја усвои денеска  на продолжението на 48-та седница.

Покрај ова, донесено и е дополнување на Уредбата за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба со кое се овозможува ретроактивно вработување на лицата на кои работниот однос им престанал во периодот од 11 март до 30 април и соодветно нивно пријавување во системот на задолжително социјално соигирување.

Работодавачите кои ќе се согласат на ретроактивно вработување на лицата на кои им престанал работниот однос, тоа ќе можат да го направат до 7 мај, и на тој начин да ги исполнат критериумите за да се стекнат со правото на користење на мерката за финансиска поддршка за исплата на платите за април и мај.

– Со промените, се потврдува, гарантира и засилува владината политика за спас на работни места во услови на криза предизвикана од коронавирус, се обезбедува заштита на работничките права, достоинствен приход и се оневозможува неправедно прекинување на работниот однос на работниците, велат од Владата.

Оттаму појаснуваат дека работодавачот не смее да го намали бројот на вработени освен во случај на пензионирање и смрт на работник, откажување на договорот за вработување од страна на работникот, откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски, спогодбено преземање на работник, престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.

-Уредбата определува дека вкупниот број на вработени на кои исклучиво по овие основи би им бил прекинат или завршен работниот однос, заклучно со месец јули 2020 година не смее да биде повеќе од 15 проценти кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка, 10 проценти кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка и 5 проценти кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка, се наведува во соопштението од Владата.