Високите температури неповолни за земјоделството, неопходно наводнување и заштита на посевите


Фото: Б. Грданоски

Топлотниот бран што ја зафати земјава влијае негативно врз земјоделските култури. Поради високите температури доаѓа до интензивна транспирација, а и почвата брзо се суши и поизразено ја губи влагата.

Според агрометеоролозите, ваквите временски услови ќе се одразат и врз повеќегодишните растенија зашто резервите на вода и во подлабоките слоеви на почвата постојано се намалуваат. 

Се препорачува земјоделците да ги наводнуваат културите, особено пролетните, окопните и индустриските, како и да продолжат со грижата за посевите. 

-Потребите за вода кај сите земјоделски култури се големи и перманентни. Затоа, се препорачува наводнување на културите, особено на пролетните, окопните и индустриските култури. Земјоделските производители да продолжат со активностите и грижата за нивните посеви, со изведување работи во поле, наводнување, уништување плевели, заштита на растенијата од појава и развој на болестите и штетници, редовно следење на посевите и примена на други агротехнички мерки, велат агрометеоролозите од УХМР.

Информираат и дека некои од овошките во овој период се во интензивен раст со појава на зрели плодови, а некои се во фаза на берба.

-Сончевото и топло време беше поволно за зреење на некои видови на овошје како црешата, вишната и некои типови зеленчук. Одредени житни култури се во последната фаза од животниот циклус – созревање, што е исто така многу значајна фаза во нивниот животен циклус, додаваат агрометеоролозите од УХМР.